Последниот полициски час во Македонија кој заврши изутрина во 05 часот не беше доволна причина пак да нема прекршители на забраната за движење. Полицијата денеска информира дека во изминатово деноноќие забраната за движење на ниво на целата држава не ја почитувале 20 лица.
-Од нив приведени се 17 лица, а за останатите се земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки, се наведува во информацијата.
Исто така по однос на мерката за не носење лична заштита на лице регистрирани се 284 прекршоци.
-За последните 24 часа на територијата на државата на 76 лица им се издадени решенија за изолација, а 75 лица потпишале изјави за самоизолација. Од страна на полициски службеници извршени се контроли кај лица во изолација и самоизолација, а евидентирани се пет лица кои не ја почитувале мерката за самоизолација, наведува МВР.