Минимални корекции биле направени во ДУП за населбата Расадник кој е преработен по бројните забелешки на граѓаните кои во ноември минатата година реагираа сметајќи дека предвидените стотина згради се премногу. Општина Кисела Вода преработениот ДУП Градска четврт Ј14 Расадник повторно го ставила на увид на граѓаните кои повторно ќе треба да се изјаснат преку јавна анкета.
Според граѓаните, со предложеното пак не е испочитувана нивната желба во новата населба да има помалку и пониски згради, ниту, пак, да има повеќе зеленило. Од планот се гледа дека таму сега треба да има 97 станбени згради, односно, само три помалку од првично прелдожените. Катноста е намалена само кај пет згради во кои се предивидува да се доселат нови 8.000 жители. Најголемиот дел од зградите се со висина од шест до 13 ката.
Граѓаните реагираат и сметаат дека ништо не е подобрено.
– Повторно се предлага ДУП, можеби уште полош од претходниот! Зградурини по 50 метри висина, без воздух, уште 25.000 жители на Расадник кој можеше да биде Централ Парк да бевме цивилизирани. Нема сервисни улици, избришано зеленило, скратени патеки. Школо и градинка под 100 киловолтен далновод, смета Драко Чекеровски, жител на оваа наслеба.
Граѓаните реагираат и за тоа што повикот за јавната расправа е објавена само на сајт на општина и што приговорите се поднесуваат до петок 11.09.2020г. Тие сметаат дека општината требаше директно и по влезовите да ги информира граѓаните.
Од друга страна, од општина Кисела Вода изјавуваат дека во претходната анкета мнозинство граѓани барале да се зголеми катноста на граѓаните. Се работи за сопственици на земјиштето во Расадник кое е 90-процнетно во приватна сопственост откако е вратено во процесот на денационализација. Заради тоа во општината сметаат дека планот е компромис бидејќи 50-процентно се предвидени зграда и 50 проценти објекти од јавен интерес.