Проблемот со секундарната фекална канализација во скопското село Усје наскоро ќе почне да се решава. Општина Кисела Вода денеска потпиша договор со фирмата „Енергомонт“ за изградба на 2886 метри долга канализациона мрежа.
Согласно изготвениот проект, се работи за седум крака фекален систем со профили на цевки Ф500, Ф250 И Ф300, согласно хидротехничките услови за приклучување и конфигурацијата на теренот. Ова ќе значи решение на околу 1.500 жители на овој дел од Кисела Вода, кои години наназад имаат проблеми поради непостоење на систем за одведување на отпадните води. Отпадните канализациони води со години течеа по долот кој се наоѓа на средина на селото и од кој постојано се шири непријатна миризба.
Средствата за реализација на целокупниот проект ги обезбеди Општина Кисела Вода. Работите треба да бидат завршени во рок од осум месеци од отпочнувањето на градежните активности.