Во што Пендаровски би бил поразличен во следните 5 години?

Колумна на Никола Тасев:

Во предизборие често има една чудна појава – подисплашен политичар крева глас и покажува храброст. Просто да гледаш и да не веруваш дека функционеров е оној кој со години повеќе бираше да клечи, да е сервилен…

Таквите чуда мора да се видат. Па ако треба и нека се плати. Затоа, му предлагам на СДСМ под итно да организира продажба на билети за изборните трибини на нивниот претседателски кандидат. Дури и цените мора да се многу високи, слични на оние на финале од Лигата на Шампионите. Оти скапоцени се зборовите што ги слушаме од устата на Стево Пендаровски – како во изборен занос – билда патриотизам. Нешто што 5 години не слушнавме од него!

А и партијата ќе има повеќе пари за кампања. Па кога истото ќе го направат и за Ковачевски, па,па,па… Банка ќе можат да отворат и грантови на познати да делат – оти за тоа ги бива.

Туку да се вратам на Пендаровски. Замислете, сега, на крајот на својот мандат, најде сили за закочувањето на европскиот пат на Македонија, покрај дежурниот (за него) виновник ВМРО-ДПМНЕ, директно да ја обвини и Бугарија. Затоа од утре сите трк на трибините на Пендаровски за изворно да слушнеме како: „Нашиот источен сосед, водејќи се од својата 19-то вековна анахрона, антимакедонска и антиевропска политика не блокираше на патот кон ЕУ“.

Ваква одважност и храброст да излегува од устата на кандидатот Стево Пендаровски во изборната кампања, е реткост и мора да се види и чуе во живо. Дури кога ќе си на трибините ќе треба да се штипнеш за да провериш да не спиеш и сонуваш можеби. Дали е ова истиот човек кој како претседател, немо посматраше како секој може да се изживува врз Македонија како ќе посака… и од Брисел, и од Атина и од Софија… Но и од Скопје, од домашните функционери во власта, а тој само гледаше, гледаше, гледаше…

„Кај си љубави, те поздрави Зоки“, легендарниот поздрав до поранешниот бугарски премиер, Бојко Борисов, сега го заменува со вперување на прстот кон источниот сосед. Кога е во кампања за Стево виновна е Бугарија, а кога е претседател…

Можеби во кампањата ќе слушнеме дека ќе се изјасни и за Гоце Делчев дека е Македонец, а не Бугарин, како што, како претседател, изјавуваше на неколку пати. Или пак ќе најде сили да каже и кој народ живее во Македонија, наместо изјавата „и народот што таму живее“, која ја даде при примањето на орден од полскиот претседател во Варшава.

Ете затоа сите треба да ги посетиме неговите изборни трибини, оти ова што го збори таму, не го слушавме за овие 5 години. А токму тоа требаше да го зборува. Оти во тој период беше зафатен со поважни работи – на пример, да им угодува на партиите што го избраа СДСМ и ДУИ. Иако во кампањата пред 5 години вети дека ќе биде претседател на сите граѓани.

Па така да се потсетиме и на неговото пимплање околу францускиот предлог и промена на ставовите. Де еднаш предлогот бил неприфатлив и го уриваше идентитетот на државата, па покасно можел да помине, па се до дека тоа е вистинскиот предлог за почеток на преговори со ЕУ до кој треба цврсто да се држиме. Па велеше дека тој не видел француски предлог, па потоа дека учествувал во неговата подготовка. Ова дополнето со констатацијата дека Македонија не е држава од 50 милиони за да може да поставува услови.

А се сеќаваме и на уште една спектакуларна изјава, дадена на Регионалниот форум за млади лидери, дека ако не бил претседател и тој ќе се отселел од Македонија. Наместо да организираше уште во првата година од мандатот лидерска средба или проширен Совет на безбедност за да се направи Стратегија (како што вети во 2019 година) за да се спречи иселувањето, тој изрази желба и самиот да се исели.

Затоа, дури и да платиме и да го гледаме неговиот настап, на крај треба да се прашаме: Што Пендаровски би бил поразличен во односот кон Македонија и кон македонскиот народ ако добие нов мандат? Или треба „народот што таму живее“ на изборите на 8 мај да му помогне во остварување на неговата намера, да нема повеќе пречки за да се отсели од државата!

 

Претходна вестРепрезентативецот на Македонија Ти-Џеј Шортс во идеалната петорка од Еврокупот
Следна вестВообичаено во Скопје: Пешаци одат каде сакаат, возачи не знаат што е црвено на семафор…