Општините Чаир, Гази Баба и Сарај се општини во кои моментно се најактивни кластери на заболени од корона вирусот. Инаку, во Македонија во пет градови во овој период има околу дваесетина активни кластери на заболени од кои што се генерираат новозаболените лица.
–Во пет градови имаме 20тина кластери коишто ги следиме, а тоа се пред се Скопје со неколку кластери во Чаир, Гази Баба и Сарај. Имаме кластер во Велес, Штип, Струга и Тетово. Успеавме да ги локализираме тие кластери, дел од тие луѓе да ги ставиме во замоизолација. Она што можам да го кажам е дека повеќе од 15тина лица кои починаа беа донесени во болница, кога беше предоцна. Дел од нив го изгубија својот живот затоа што доцна дојдоа во болница. Во моментов имаме 50 отсто исполнетост на болничките капацитети, изјави на синоќешната конференција за печат претседателот на Комисијата за заразни болести, доктор Жарко Караџовски.
Тој објасни дека порастот на новозаболените во изминативе денови е резултат на непридржувањето на мерките на заштита од страна на граѓаните кои се собираат по различни поводи и притоа остваруваат близок контакт.
Заклучно со 24 мај во Сарај имало 41 заболено лице, Во Гази Баба – 39, Чаир – 38 и во Аеродором – 25, а во останатите општини до 13 заболени лица.
Анализата на Институтот за јавно здравје од 25 мај покажа дека од вкупно 2.014 заболени од корона вирусот од Скопје се вкупно 733 лица при што од нив 26 починале, а активно заболени се 208 а оздрвени 499.