Во Скопје недостасува повеќе почит кон постарите, заборавивме да се поздравуваме

За скопскиот адвокат Ненад Јаниќевиќ граѓанинот на Скопје треба да биде центарот на сите грижи кои се водат за градот. Но, за жал, не е секогаш такa, потенцира Јаниќевиќ.

о Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
-Скопје е мој роден град. Мое училиште „Песталоци“ каде сега прославивме 50 години од постоење и каде ги сретнав моите драги учителки Ружица Павловска и Љубица Симоска, мое парк маало, игралиштето „Партизан“ до Судот за прекршоци каде се чекаше ред за фудбал со други маала, тревниот терен „Вембли“ тик до езерцето во Градски парк…

о Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
– Тогашното Скопје од моето детство беше безгрижно. Тогаш бевме распеани, весели, прави другари. Не се гледаше кој е кој, не правевме разлики. И кога пораснавме Маџо, Бони, Ани, Камел, Ванила, Скала, Таверна и Огниште беа места каде се сретнувавме, никој не отскокнуваше, се помагавме. Бевме многу поблиски.

о Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
– Мора да се чуствувааат градот, малото и општината како свои. И кога се плаќа треба да се знае за што се плаќа и да се води грижа за секој граѓанин, за секој негов проблем, барање. Многу е битно за нас кој е градоначалник на општина, на градот. Во тој микро свет треба граѓанинот да биде на прво место. Само така ке го направиме Скопје и поубаво.

о Дали Вие доволно му дадовте на градот?
– Секој може повеќе и мора. Знам дека како помлади се организиравме во месни заедници, правевме повеќе акции за почист град. Организиравме средби, забави да ги приближиме граѓаните и ги чуеме нивните проблеми. Бевме доста активни како помали. И денес како адвокат отворени се вратите на мојата канцеларија за секакви потреби за моите комшии.

о Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Ако го вратиме духот, вицот, шегата, насмевките, сплотеноста на народот треба да бидеме горди. Не треба да се делиме, треба да водиме сите грижа за почисто Скопје, да застанеме сите зад одредени капитални проекти, суштествени за сите нас.

о Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
-Недостасува повеќе почит према граѓаните, према постарите, заборавивме да се поздравуваме, а луѓето го прават градот. Со подобра култура би живееле, ред во сообраќајот, поинаков пристап, со нервози и стресови оставени таму некаде далеку од нас би добиле поинакво лице на Скопје.

о Во какво Скопје сакате да живеете?
– Скопје е дел од мене. Можеш да отидеш било каде но коренот те влече. Сакам Скопје во кое луѓето ќе ја заборават љубомората, зависта, лошиот збор, сакам Скопје да дише со полни бели дробови, разиграно срце и подадени раце.

о Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
-Скопје е отворен град има место за секого. Но мислам ако се намалат комуналиите во приградските и руралните средини околу Скопје и им се овозможат многу бенифиции на тие луѓе околу земјоделието, осигурување на егзистенција, канализација, водовод и се друго, тогаш ќе нема потреба тие луѓе да доаѓаат во сивилото на Скопје.