Во Скопје се снима филм под палката на режисерот на популарната „Долина на волците“

Турскиот режисер Сердар Акар периодов работи на снимање на неговото најново остварување „Најтешкото нешто“, и тоа на повеќе локации во Скопје како и во Битола. Продукцијата е во рацете на „Сектор Филм“ од Скопје, а според јазичното подрачје е прв македонски филм што ќе биде снимен на турски јазик.
Дејствието на филмот кое се одвива во актуелно време, прикажува неколку испреплетени животни судбини чии патишта се вкрстуваат во определен миг.
Кастингот во оваа современа филмска приказна го сочинуваат турски актерски ѕвезди и познати и успешни македонски актери. Во главните улоги играат турските актерски ѕвезди: Ердал Бешикчиоглу, Белчим Билгин, Халил Ерѓун, нашиот актер Ертан Шабан кој се прослави во Турција, како и нашите актери и актерки: Луран Ахмети, Бедиа Бегова, Сара Климоска, Сузан Акбелге, Џенап Самет, Дениз Абдула, Ивана Павлаковиќ, Ерман Шабан, Неат Али, Осман Али и многу други. Како сценарист се потпишува Оливер Ромевски, кој познат по романите со интригантни трилер и криминалистички приказни.
Потписот на Сердар Акар стои зад турските мега хитови како „Долина на Волците“, „Збогум Румелија“, „Бехзат Ч.“, како и филмовите „Татковина“, „Долина на Волците: Ирак“, „На Бродот“.