Свети Гаврил епископ Велички, кого МПЦ-ОА во 2017 година го канонизира за светител, ќе има параклис во Скопје, во црквата „Света Петка“ во населбата Црниче. Овој храм деновиве објави дека по повод стогодишнината од осветувањето на црквата „Св. Петка“ – Црниче, во состав на самата црква, се основа параклис посветен на св. Гаврил епископ Велички.
-Животот и чудата на дедо Гаврил за време на неговиот живот и по упокојувањето им се добро познати на сите, но малкумина знаат за неговото долгогодишно служење во нашиот храм и за бденијата кои еднаш месечно ги служеше во периодот од 1980-1989 година, објави оваа црква.
Планирано е фрескописување на параклисот, па така се покануваат верниците на доброволно учество.
Свети Гаврил Епископ Велички Светогорец е роден во 1926 година во Штип како Мијалче Парнаџиев, а починал на 12 јануари 1990 во Лесновски манастир. Дипломирал во 1955 година на Факултетот за ликовни уметности во Белград и Богословскиот факултет во Скопје. Парнаџиев работел како професор по уметност и историја на уметноста во гимназијата и Учителската школа во Штип. Во 1963 година ја оставил световната служба и заминал на Света Гора, каде што се здобил со големо аскетско искуство. Таму бил замонашен во манастирот Свети Павле со монашко име Гаврил. Во Македонија се вратил 1971 година каде престојувал во повеќе манастири. Во декември 1975 г. бил назначен за игумен на Лесновскиот манастир. На 28 август на празникот Успение на Пресвета Богородица во 1989 година бил хиротонисан за епископ со титулата „Велички“.
На канонизацијата во 2017 година поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан рече дека покрај постојаната молитва и строгиот монашки подвиг отец Гаврил го краселе и неуморната посветеност, дарбата за предвидливост и грижата за духовноста на македонскиот род.
– Дел од нас беа сведоци, а до другиот дел допираат сведоштвата за чудата со кои Бог го прослави овој свој угодник и за време на животот, но и по упокојувањето како посветен во таа низа на знаци што Бог ни ги допушти како на црква за да ја препознаеме светоста на епископот Гарврил, рече г.г. Стефан.
Делата и чудесата на отец Гаврил се опишани во неговото житие, кое е објавено и е достапно на пошироката јавност.