Во Советот на Скопје изгласана иницијатива споменикот на Ќосето да се врати кај мостот „Беласица“

Изгласана е иницијатива во Советот на Град Скопје за враќање на споменикот на Андон Лазов Јанев Ќосето покрената од скопската градоначалничка Данела Арсовска. За предлогот гласале вкупно 23 советници од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција, како и од Левица, а од СДСМ биле против..

ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека советниците од нивната коалиција ја поддржале иницијативата.

-Сметаме дека овој историски лик заслужува спомен обележје и заемна почит. Фрапира антимакедонското однесување на СДС која се противеше на поставување на спомен обележјето што преставува продолжува на нивните политики за разградување на македонското јадро, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.

Тие и порачуваат на градоначалничката Арсовска дека таа е сега на потег и дека не треба да потклекне на влијанијата на нејзината коалиција во Советот предводена од СДС која е јасно против ваквата иницијатива.

На гласањето му претходеше расправа помеѓу координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева и советникот Страшо Ангеловски од МААК. Јанчева  посочи дека споменикот е тргнат пред пет години поради тоа што бил дивоградба и предупреди дека е можно тоа повторно да се случи доколку нема дозвола за поставување од Општина Гази Баба. Притоа, како што рече Јанчева, нема објаснување во предложената одлука колку ќе чини изградбата на постаментот на кој ќе се постави споменикот и од кои буџетски ставки ќе се обезбедат пари.

Во август годинава градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, соопшти дека поднела иницијатива до Советот на Град Скопје за одново поставување на споменикот на револуционерот Андон Лазов Јанев, познат како Ќосето. Таа најави и дека идејата е да биде поставен на нова локација, а не каде што беше во близина на Врховниот суд на Македонија.

-Доставив иницијатива до Советот на Град Скопје за повторно поставување на спомен обележјето на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето. Спомен обележјето ќе добие нова локација која ќе се наоѓа на крстосницата помеѓу булеварот „Александар Македонски“ и булеварот „Беласица“ североисточно од кружниот тек“.

Споменикот беше отстранет од претходната власт во Град Скопје на чело со градоначалникот Петре Шилегов.

-Се работи за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство. Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да рѓосува по магацини, затоа апелираме час поскоро оваа точка да биде ставена на дневен ред во Советот на Град Скопје и веднаш да биде изгласана. Ова е уште еден начин да ја исправиме неправдата и да се оддолжиме на луѓето кои го дале својот живот за независна и суверена Република Македонија, да ги паметиме и чествуваме хероите од кои ниту еден не смее да биде заборавен, рече Арсовска.

Претходна вестАпсурден закон – апсурдни решенија во здравството дава, ама…
Следна вестОва се најбогатите луѓе во регионот