Чувањето на споменот на големиот македонски писател Славко Јаневски доживува тешки удари. Неодамна во Струга се случи тежок вандализам откако исчезна неговата биста која беше поставена во рамките на алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим. Бистата била брутално искорната и однесена од се уште непознати сторители. Настанот е пријавен во полиција но прашање е дали таа ќе успее да ги најде вандалите со оглед на тоа што ваквите кражби ретко добиваат епилог.
Но, не е само овој настан врзан за губењето на спомените на Славко Јаневски. Неговиот споменик во паркот „Жена борец“ во центарот на Скопје е речиси во фаза на распаѓање. „Скопско ехо“ уште во август минатата година алармира дека се распаѓа постаментот на споменикот. Од него тогаш беа одлепени сите мермерните плочи, меѓу кои и онаа на која беше напишано неговото име. Парчиња од искршените плочи тогаш беа расфрлани околу споменикот.
Состојбата сега, по осум месеци е уште полоша: од плочите ни трага а постаментот е целосно соголен. Така, споменикот сега нема никаква ознака за тоа кому му е посветен!? Надлежните сите овие месеци никако да извршат поправка на споменикот покрај кого секојдневно поминуваат голем број на граѓани. Се чека ли споменикот и целосно да се распадне?