Во студентскиот дом „Стив Наумов“ искршени стакла, хидранти, плочки…

Видео-снимка од којашто се гледаат искршени керамички плочи, хидранти и стакла во еден од објектите на студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопска Автокоманда се појави денеска на социјалните мрежи. Авторите на видеото во објавата на социјалната мрежа Фејсбук наведуваат дека тоа е последица од новогодишната прослава организирана од студентите во овој дом. Не е познато за кои лица конкретно станува збор.

-Утрото после новогодишната вечер во „Стив“. Не ги фатив во актот чинителите, но имаше звуци од лупање на хидрантот, кршење на керамичка санитарија, која всушност е новопоставена. И да нагласам, ова сѐ е дело на академски луѓе, кои подоцна треба да се двигатели на нашето општество. Наместо мек снег на првото утро од 2023 да ми крцка под нозе, јас добив крцкање од срчи, гласи во текстот на видеото.

Во овој студентски дом се вршат реконструкции на дел од објектите коишто се во најлоша состојба. За оваа година се најавени и поголеми реконструктивни зафати по поплаките на студентите.

Претходна вестНовогодишната ноќ била помирна од ланската: Четири тешки кражби, две насилства, 16 сообраќајни несреќи…
Следна вестНа потонатиот сплав во Белград имало два до три пати повеќе луѓе од дозволеното