Во текот на денот променливо, од сончево и магловито до зголемена облачност и дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб до умерен, а попладне долж Повардарието повремено засилен јужен ветер. Изутринава по одделни котлини имаше услови за појава на магла. Попладне во западните делови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират на повеќе места. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 4, а максималната ќе достигне од 10 до 15 Целзиусови степени.

Во Скопје, претпладне ќе е сончево со мала, а попладне со зголемена облачност. Во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне 13 степени.

До вторник времето ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, а на планините од снег. Врнежите ќе почнат попладне, а ќе бидат пообилни во понеделник (на повеќе места над 20 л/м2). Поради заладување проследено со засилен северен ветер врнежите во вторник ќе преминуваат во снег и на некои пониски места. На планините и на повисоките места ќе се формира нова снежна покривка. Потоа во следните два дена ќе настапи стабилизирање на времето.