Водат чудна борба против превработеноста во администрацијата–со нови вработувања

 Земаат кредити и трупаат невработени на сигурни работни места

Пред да дојдат на власт, велеа – Македонија има огромна државна и општинска администрација. Кога дојдоа на власт, велеа – ќе ја намалиме и реформираме администрацијата…, ама, ништо од тоа. Напротив, еве и сега распишуваат нови конкурси. Град Скопје распиша оглас за вработување на 21 службеник, во општина Карпош бараат десетмина, во Аеродром девет, а во Кисела Вода шест… слично е и во другите градови низ Македонија. Воедно се примаат и 14 службеници во Министерството за земјоделство, 22 во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделство, се примаат нови советници во премиерскиот кабинет, службеници во Генералниот секретаријат на Владата… И сето тоа на само два месеца пред да се избере нова влада која ќе ги подготвува априлските избори.

Очигледно, како и лани и оваа година ќе се пренадува администацијата со нови вработени. Лани на платниот список на државата и општините имало 132.068 вработени, што е за 3.346 државни плати повеќе отколку во 2017-та година.Сега треба да се очекуваат неколку илјади повеќе. Чудна некоја борба против превработеноста – со нови вработувања. Сето ова почна да ги револтира скопјани кои поставуваат прашања: до каде ќе оди зголемувањето на администрацијата, каде ќе се најдат парите за нивните плати, кој ќе ги враќа долговите од кредитите земени за плати? Тоа отворено го кажуваат граѓаните кои „Скопско ехо“ деновиве ги анкетираше за ова важно прашање.

-Министерот Манчевски цело време зборува за намалување на администрацијата, па од каде сега конкурси за нови вработувања? На шалтерите седат службеници кои не знаат што да прават од досада. Не дај Боже да ви треба нешто да ви завршат, тешко вас. Ако министерот сака да има добра администрација треба да ги отпушта службениците за кои има поплаки. Тогаш ќе се види колку администрација ќе остане, а не да прима нови. Вака, ова е држава на администрација со партиски книшки. Како мислат да ја плаќаат? Со кредити ли? Што не ги вработуваат сопартијците по приватни фирми? Ако сакаме државата да ни оди напред ни требаат продуктивни работници, ни вели скопјанката Силвана Костиќ.

Друг ќе ги враќа кредитите

Но, до министерот и до власта како да не доаѓаат забелешките на граѓаните. Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, деновиве изјави дека новите вработувања нема да сопрат.

-Имаме потреба од нови вработувања во државните институции и заради тоа нема да ги прекинеме огласите и пред избори, изјави тој.

Премиерот Зоран Заев, пак, пред некој ден рече дека се свесни оти се „даваат плати на луѓе што ништо не работат и дека тоа треба да се смени“! Но, не само што бројот на административците не се намалува туку за нив во идната година ќе се даваат и повеќе пари. На неколку месеци пред изборите власта реши да ги зголеми платите во здравството меѓу 10 и 25 отсто, во образованието за 10 отсто, пензиите за 850-900 денари, ја зголеми и минималната плата… Сето ова значи дека од буџетот кој за следната година ќе изнесува 3,9 милијарди евра многу пари ќе одат за вака зголемени трошоци. Проценка е дека само за сегашните зголемувања ќе отидат дополнителни меѓу 100 и 200 милиони евра, што опозицијата го оквалификува како поткупување на граѓаните пред избори. Инаку, во буџетот владата одвоила речиси половина милијарда евра за плати и надоместоци во администрацијата што е за 50 милиони повеќе од годинава. Истовремено, наредната година владата ќе се задолжи скоро една милијарда евра и со што јавниот долг ќе се зголеми од сегашните 47,7 отсто од БДП-то на околу 51 отсто.

-Факт е дека администрацијата ни е преголема и е „ламја“ која го уништува кревкото стопанство. Покачувањата на платите на административците воопшто не е оправдано и во никој случај не треба да се прави со земање кредити и задолжување на даночните обврзници. Со вакви најави за покачување на плати властите само ја „купуваат“ администрацијата за изборите оти таа им е најлојално гласачко тело, потенцира скопјанецот Ване Калајџиев.

Партиите да не се шалтер за вработување

Префрлувањето на дел од административците во приватен сектор беше најавено од министерот Манчевски во септември годинава. Тој тогаш објасни дека државата ќе ги преквалификува административците за приватниот сектор или компаниите ќе добиваат субвенции за преземен работник. Но, оттогаш до сега се само си остана на најава…

-Мојот впечаток е дека не само што имаме преголема администрација туку и ништо не работат. По двајца седат на едно столче или едниот шета додека другиот си игра на компјутер, а ние граѓаните ги плаќаме преку задолжувањето кое го прави владата, вели скопјанката Вера Стевановска.

И граѓанката Крстина Симјановска ни рече дека она што сигурно го знае за администрацијата е тоа дека „институциите не функционираат и нема професионализам во работата“

-Лекот е единствено во тоа да се запре со примањето на партиски кадри во администрацијата по секои избори од страна на партиите. Тие со тоа ги наградуваат партиските активисти. Кога тоа ќе се запре, тогаш бројот ќе се намалува со пензионирањето, со прераспределувањето на вишоците од други сектори, предлага граѓанинот Стевче Каркински.

Партиите очигледно немаат одговор на оваа идеја. Затоа ќе мора скопјани да внимаваат кому го даваат гласот на избори.

 Колку по години тежел јавниот сектор

Година

Број на вработени во јавниот сектор

2018

132.968

2017

128.722

2016

129.653

2015

128.347

 

Немај гајле сине, ќе те пикнам во администрација

Политичарите се свесни дека државната администрација е пренатрупана. Тие упатуваат и силни апели до младите во Македонија да се насошат кон производните струки и кон приватните фирми – што било иднината на земјата, ама своите деца ги пикаат по управни одбори или како шефчиња во државната администрација.