Водно е можност да се доживее природата, а забавен парк можете било каде да поставите

Со Татјана Стојановска од здружението „Го сакам Водно“ зборуваме за проблемите околу планските документи за најомиленото излетише на скопјани – Водно…

Неодамна на презентацијата на Студијата за Водно во Градот Скопје изјавивте дека е несериозна и тотално непотребна: Зошто така сметате?

-Во момент кога истовремено се изработува Закон за Водно и План за пошумување од средствата дадени за компензација на штетата од гасоводот, апсолутно сметам дека е непотребен проект за туристички развој на Водно пред одредување на точни граници и заштита на биодиверзитетот. Присуствувавме како граѓанско здружение на презентацијата на овој проект и несериозноста ја гледаме во два моменти: Прво, сугестии и забелешки за изработка на овој проект се барале од одредени категории на граѓани, селектирано, само планинарски и велосипедски здруженија, на претходен работен состанок. Изоставувањето на други, како што општинските преставници не класифицираа, еколошки здруженија, се образложи со тоа дека тие внимавале да планираните активности не навлегуваат во менувањето на природните карактеристики на бираните локации. Предложените активности во рамките на оваа студија, напротив, навестуваат интервенции на терен, а секако и самата намера за зголемување на бројот на посетители директно влијае на загадувањето на заштитениот појас.

Вториот момент произлегува од првиот. Ако бевме контактирани, најголема забелешка ќе се дадеше на моментот на нерешена инфраструктура и одведување отпад кој веќе доведе до драстично загадување на водите во овој предел и појава на енормен број на диви депонии. За мене е многу несериозно да кажете дека ќе го зголемите бројот на туристи, а решенија во врска со проблемите кои настануваат со зголемено присуство на луѓе да се носат накнадно.

Рековте дека Водно е неопходно да се пошумува, дали веќе се доцни со тоа?

-План за пошумување на Водно со средствата добиени како компензација од штетата настаната со изградба на гасоводот веќе е во изработка. Повторно, и покрај сугестиите од Владата дадени на седницата на која тоа се одлучи, да „Го Сакам Водно“ биде директно вклучено во работната група, бевме изоставени од истата и само кратко информирани за состаноците кои досега се одржале. Последната средба со претставниците на Градот, ЈП Паркови и Зеленило и МЕР, заврши со договор дека ќе бидеме директно вклучени во работна група за изработка на овој план, но веќе повеќе од еден месец нема никакви поместувања. На претходна средба беа договорени локации (еден дел) на кои ќе се врши пошумување, како и рокови за завршување на стручната експертиза за видови и количини на насади и соодветно рокови за почеток со пошумување, но тие се оддамна надминати.

Надоместок на изгубената шума не е возможен, на трасата на гасоводот нема да има можност за посадување на дрвја, само зелено уредување на патеката и тоа беше најтешкиот дел што моравме да го прифатиме со неразумната одлука да гасоводната траса сепак минува низ Водно. Средствата ќе се употребат за пошумување на најкритичните делови во моментов на Водно, секако, каде е возможно тоа. Оптимист сум дека барем ќе се успее во намалување на девастацијата на одредени други делови од заштитената зона.

Искажавте и забелешки околу Студијата за валоризација за Водно…

– Во однос на намалувањето на површината за заштита, ќе инсистираме при процесот на носење на законот, да деловите кои се во границите на заштитената зона а сега се крајно урбанизирани, не излезат од нејзините граници туку да бидат соодветно третирани и да биде комплетно забранета понатамошна градба . Потпирањето на општински ДУП-ови при непостоечки ГУП за заштитената зона не смее да фигурира во ваква студија и за тоа ќе инсистираме на создавање на Просторен план за Водно.

Треба ли, на Водно да се гради нешто или не, само да се пошумува и одржува?

-Не смее да се дозволи веќе ниту една градба во заштитениот појас на Водно. И токму така, не е само да се пошумува, тоа е мал сегмент во однос на тоа што му треба на Водно. Би цитирала една активистка; Ние треба да го заштитиме Водно од луѓето, не да бараме поголема интеракција. Тоа може да се оствари само со негово одржување . Ќе се вратам на проектот за Водно како туристичко-рекреативен центар: Водно е туристичка атракција токму затоа што претставува бег во природата на само неколку километри од центарот на градот. Неговата убавина е во можноста да се доживее природата и тишината. Забавен парк можете било каде да поставите. Водно е многу повеќе од тоа и ниедна забавна атракција нема да ја зголеми неговата вредност и значење, напротив, ќе го уништи единственото нешто оригинално што можеме да го понудиме на неговите падини.