Водно со децении чека да биде пошумено, ама градоначалниците садат само згради

Една третина од планината е голина…

На планина вообичаено е да растат дрвја, да има шума. На скопско Водно има дрвја, ама не се садат нови, се садат само бетонски згради. Ете таква планина си имаме и нагалено ја нарекуваме „белите дробови на Скопје“. Кога имало последен пат акција за пошумување на Водно? Површините со шуми и друго зеленило постепено се намалуваат, а има и многу голини… И таа шума што ја има е последица на пошумувањата правени во педесеттите години од минатиот век. Сите години по тоа од Водно само се одземало зеленилото, а ништо ново не му се додавало.

Да, се копаа дупки по планината, но не за нови садници туку за темели на згради и за правење профити на оние кои преку разни начини ги правеа ДУП-овите и во нив вметнуваа висококатници. Едноставно „белите дробови“ се болни и плачат за дрвја, за пошумување…

– Градоначалниците сакаат Скопје да станел зелен град, а Водно е полно со голини. Нема логика. Секоја година по 500 дрвца да садеа, сега други ќе беа климата и воздухот под Водно. Се ни е наопаку, се е профитерство и никој не мисли за поздрава средина, ни коментира Елизабета Славеска.

На планината и фалат разни видови на дрвја, велат скопјани.

– Водно и онака е слабо пошумувано, а кога и нешто се правело, тоа било со несоодветни видови дрва. Тоа треба да се поправи. Но, главниот проблем е штетното урбанизирање, почнувајки од дивоградбите на разни приватни лица, па завршувајки со градежните активности на државата, чии најдрастични примери се „Сончев град“ „Македонско село“ и, како „круна“ на целиот тој државен вандализам, најновиот проект со Гасоводот кој минува по сртот на Водно, вели Петар Бошевски, еколошки активист.

Градските и државните власти најавија пошумување кога беа критикувани за гасоводот, но кај граѓаните постои стравување дали и навистина ќе се случи како што е најавено.

Граѓаните практично и не се сеќаваат кога во последниве години се вршело пошумувањето. Она од шеесетите години од минатиот век била со главна цел градот да се заштити од порои и лизгањето на земјиштето што било чест случај. Тоа се направи мошне добро заради што градот доби и безбедност и природна оаза во која што сега живеат 124 видови птици, 19 видови цицачи, осум вида влечуги, автохтони видови на скакулци и на растенија… Но, наназад со години податоците за (не)пошумените површини на Водно стојат исти. Во секој годишен извештај на ЈП „Паркови и зеленило“ се повторуваат истите бројки: Водно има вкупна површина од 4.573 хектари од која 2.168 хектари или 47,5 проценти се израснати шуми. Самото тоа подразбира дека на голини и дегенерирани пасишта остануваат 1.555 хектари, односно, 34 отсто од површината на планината, додека како земјоделско земјиште, згради и дворови се водат 840 хектари. А планот на ова градско претпријатие за работа на Водно за оваа година открива и тоа дека ставката за пошумување на нови површини – нема!?

Така е речиси сите овие последни години. Ако нешто и било пошумувано, тоа било на симболични површини – од 2 или 2,5 хектари, често и само како замена на исушените дрвца.

-Мора да има пошумување на планината оти таа е најважна за градот. Со градбите се оди се погоре и погоре и тоа веќе не смее да се дозволува. Не треба да зачудува зошто земјата почнува да се лизга. Пошумувањето мора да се прави со автохтони сорти на дрва, потенцира таа.

Најчесто застапени видови на стебла се црн бор, бел бор, костен, липа и бреза. Експертите препорачуваат сега, до 600 метри височина, да се засадуваат даб, бреза, јавор, липа, а над ова височина бука, даб, јавори. Над 800 метри требало да се садат видови како елка, ариш и други видови, а под самиот врв смрека…

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделен весник СКОПСКО ЕХО.