Војна меѓу Филипче и Зибери, сепак ќе има ли смена на директорот?

Тоа што сте во изборна кампања не ви дава за право да изнесувате невистини и да ја поткопувате работата и одлуките на Комисијата за заразни болести. Нема да дозволам политичко поентирање на сметка на епидемијата. Вака изутринава министерот за здравство Венко Филипче му порача на директорот на скопскиот Институт за јавно здравје Арбен Зибери кој вчера реагираше на најавата на министерот дека ќе го разреши.

Филипче вчера изјави дека по консултација со правниците ќе го разреши Зибери заради неговата изјава дека тој како член на Комисијата за заразни болести помогнал да се отворат границите без протоколи за да дојдат иселениците да гласаат за премиер Албанец што го предлага неговата партија ДУИ.

-Четири месеци градиме доверба и работиме транспарентно. Во ниеден момент не донесовме политички мотивирани одлуки и ова вие добро го знаете. Вашата изјава е неточна, штетна и пред сѐ неколегијална, што исклучително ме загрижува. Моја должност како министер меѓу другото е да го штитам угледот на колегите од комисијата и нивните стручни одлуки. Верувам дека разбирате каква штета нанесувате во овие чувствителни моменти кога заеднички се бориме за иста цел. Го ценам придонесот на сите кои се борат со епидемијата, вклучително и вашиот, но нема да дозволам политичко поентирање на сметка на епидемијата, напиша на својот профил на социјална мрежа Фејсбук Филипче.

Претходно, вчера, Зибери изјави дека како кандидат за пратеник има право на политички ставови.

-Министерот Филипче да престане да ја злоупотребува владината говорница за изборни препукувања. Јас сум кандидат за пратеник и имам право на мојот приватен Фејсбук профил да имам и политички ставови при тоа во ниту еден момент не злоупотребувајќи ја институцијата која ја водам како што за жал прави министерот Филипче со ваквите изјави со изборна позадина, соопшти тој.

Во државната Антикорупциска комисија изјавија дека нема правни пречки за разрешување на Зибери. Дали тоа денеска или во наредниве денови ќе се случи останува да се види.

Претходна вестСо броење на новозаразени и намалени мерки ли се стивнува силниот бран на вирусот?
Следна вестТемпературите во пораст, попладне можен е дожд