Волонтерите не се откажуваат иако некој го купил целиот вералит за визирите

Хуманата акција која што ја прават волонтерите собрани во групата „3Д Медицинска опрема“ со производство на заштитни визири за медицински лица е доведена во прашање откако на пазарот во земјава ненадејно го снема потребниот материјал- вералит. Од продажните места од кои волонтерите до сега го набавуваа најважниот, провидниот дел од визирите, ги информираа дека веќе немаат материјали. Со тоа во прашање се доведува натамошното производство на визирите од повеќе десетици волонтери кои што ги прават визирите на своите 3Д – принтери, а потоа бесплатно ги подаруваат на медицинските лица.

– Итно ни е потребен вералит инаку акцијата за донација на визири ќе застане бидејќи ги трошиме последните залихи… Некој сака да профитира од оваа ситуација и ги откупил сите расположиви количини во државава за кои што знаеме. Молам за инфо и за најмала можна достапна количина од овој материјал!, напиша во објавата на социјалната мрежа Фејсбук Ненад Лазаров од волонтерската група.

Младите волонтери со сега веќе ја исполнија првата зададена цел: произведоа 6.500 визири кои брзо ги дистрибуираа до медицинските лица во јавните здравствени установи. Снемувањето на основниот материјал вералит се случува во периодoт кога тие со сета сила продолжуваат кон следнаат цел – да направат 15.000 визири кои сега, како што се произведуваат, периодично се делат и на приватните здравствени установи.

-Точно е дека имаме проблем со недостигот на материјалот. Чудно и индикативно е тоа како наеднаш го снема материјалот на пазарот. Се чини дека некој нашoл интерес да произведува визири и потоа да ги продава и профитира од тоа. Ние имаме уште некои резерви од вералитот, но ако не најдеме нови количини ќе ни се нарушат плановите за производство, изјави денеска за „Скопско ехо“ Бојан Трајковски од групата „3Д Медицинска опрема“.

Тој ни рече дека сите се мобилизирани во Скопје или во некој друг град во земјава најдат количества на вералит за да ги купат.

-Се надеваме дека ќе најдеме. Ако не најдеме во Македонија ќе бараме во странство за да не запреме со производство. Средства за набавка, благодарение на донаторите, имаме доволно и тоа не ни е проблем, потенцира волонтерот Трајковски.