Волонтерите не запираат: Направивме преку 30.000 заштитни визири, сега одиме на нов предизвик

 Ни сами не веруваме дека ќе успеемее да го направиме она до кое стасавме. Сега сме горди и среќни што за овие два месеца направивме преку 30.000 заштитни визири и со што помогнавме да се заштитуваат луѓето кои се најзагрозени од корона вирусот. Ова наша доброволна мисија сега привршува, но ние ќе продолжиме со нови предизвици, пак да помагаме таму каде што 3Д технологијата може да помогне. Ова ни го рекоа волонтерите од групата „3Д принт медицинска опрема“ кои во јавноста станаа познати со доброволно произведување на заштитни визири и нивно бесплатно делење на медицинари, полицајци, војници…

Од групата која на почеток броеше триесетина „принтерџии“ сега нараснаа на околу стотина волонтери од сите градови во Македонија кои благодарение на сопствениот доброволен ангажман и со помош на донаторите направија многу за заштита на сите од опасниот вирус.

-Акцијата која ја водевме сега достигнува својот врв. До сега сме поделиле околу 10.000 визири на медицински работници и уште 2-3.000 на војници и други лица. Сега сме пред најголемата испорака: околу 20.000 веќе направени визири ќе ги ставиме на располагање на Министерството за здравство за секој здравствен работник да има пристап до визир. Исто така, дел ќе одите за потребите на МВР, за полицајците кои се на првите линии на борбата против вирусот, како и за војниците, ни вели Бојан Трајковски, еден од волонтерите.

Правењето на околу 20.000 нови визири во последниов период беше овозможено и со тоа што групата успеа да направи калап за производство на визири. Со тоа процесот на правењето на визирите беше значително забрзан. Ако порано за околу илјада визири беа потребни два дена сега со калапот се правеа и повеќе од две илјади само за еден ден.

-Ни сами не знаевме какви се креативни луѓе има во наша земја кога е во прашање 3Д технологија. Сето тоа не мотивира да не запреме во нашиот ангажман на ова поле. Сега имаме идеја да прераснеме во Институт за развој на 3Д технологијата, повторно со цел да помагаме таму каде што е потребно со ваков вид на технологијата, ни најавува Бојан.

Идејата е преку ваков институт, на пример, да се прават различни предмети кои се потребни во здравство, како за потребите на лекарите така и за потребите на пациентите.

-Во ова време на корона-кризата сите видовме колку е важно да си помагаме едни на други. И заради тоа ние продолжуваме со овој ангажман бидјеќи потребата за помагање секогаш ќе постои, ни рече Бојан во име на сите волонтери.