Волонтерски помагаме уште на границите да се спречи ширењето на заразата

Имаме две групи кои се сега активни на теренот: на граничните премини дежураат околу триесетина волонтери, а со мигрантите околу четиресетина, вели Сузана Тунева-Пауновска од Црвениот крст

 „Од каде доаѓате?“, „Дали имате покачена температура, кашлица“, „Ова се телефони на кои треба да се јавите доколку почувствувате симптоми на болеста“… се прашањата кои веќе со недели волонтерите на Црвениот крст ги упатуваат на оние патници кои на граничните премини влегуваат во Македонија. Целта е што порано да се добијат информации за евентуално заразени-болни лица кои доаѓаат од странство и со што благовремено ќе се попречи ширењето на корона вирусот. Посебно се ризични контакти со лицата кои доаѓаат од кризните подрачја-држави во кои веќе има голем број на заразени – Италија, Германија, Франција… 

-На граничните премини Блаце, Табановце, Деве Баир, Ќафасан, но и околу следењето на мигранитите кои навлегуваат во Македонија и се потенцијални носители на вирусот од 20 февруари се ангажирани околу осумдесетина наши волонтери. Имаме две групи кои се сега активни на теренот: на граничните премини дежураат околу триесетина волонтери, а со мигрантите околу четиресетина. Тие не штедат сили само за да се помогне што подобро да ја пребродиме ситуацијата со корона вирусот, ни вели Сузана Тунева-Пауновска од Црвениот крст.

Волонтерите им приоѓаат на возилата и прават еден вид анкета.

-Ги прашуваме од каде доаѓаат, за нивното здравје, ги информираме каде може да се обратат за помош доколку подоцна добијат симптоми. Граѓаните ни одговараат на прашањата и ние се надеваме дека се искрени во тоа, ни рекоа волонтерите кои се ангажирани на граничните премини.

Разбирливо, тие при овие контакти стојат на дистанца од метар-два од соговорниците, носат заштитни средства…

-Ова е напорна работа и бара посветеност. Ангажирани се оние волонтери кои имаат искуство во мигрантската криза, а што сега добро им доаѓа, вели Бојан Петрушевски, секретар на ЦК Куманово кои го покриваат граничниот премин Табановце.

Освен ова, дел од волонтерите сега се активни и во Дебар и во Центар Жупа каде е прогласена кризната состојба.

-Ангажманот не завршува тука туку им се помага и на повеќе од 200 граѓани кои се во домашна изолација, а на кои нема кој да им помага им носат храна, лекови и друго, ни вели Сузана Тунева – Пауновска.

Волонтерите, очигледно, повторно го положија тестот на својата подготвеност да им помогнат на граѓаните и на сопствената држава.