Вонреден состанок на управниот одбор на Клиниката за токсикологија денеска ќе прави проценка на состојбата и активностите што ќе се преземат понатаму. Инаку, се уште нема одговори кој е одговорен за поплавата на токсикологија и зошто клиниката немала осигурување.
Здравствениот инспекторат по вонредната контрола констатираше дека единаесет лица без важечки договор работеле на клиниката, дел од нив и без соодветно образование, како и дека немало никаква соработка помеѓу двајцата директори, за што издаде решенија за преземање мерки.
Инспекција изврши и инспекторатот за труд од каде информираат дека затекнале 7 лица со неважечки договори, четири административни работници и тројца хигиеничари, со кои клиниката немала засновано работен однос и истите не требало да бидат присутни во установата. За ова трудовиот инспекторат соопшти дека се издадени и прекршочни платни налози за правното и одговорното лице.