Вооружен грабеж на банка во Чаир, едно лице повредено, се трага колку пари се однесени

Ограбена банка во Скопје. Утрово, вооружени лица извршиле грабеж во „НЛБ банка” во скопската населба Чаир. За време на насилното разбојништво крадците повредиле 26-годишно лице вработено во банката.

– Пријавено е разбојништво од страна на неколку лица со оружје во банка на улицата Ферид Бајрам кои одзеле пари. Од страна на сторителите бил физички нападнат Е. Е. (26), кој е вработен како обезбедување во банката. Повредени лица од оружје нема. Веднаш по добивањето на пријавата, презмени се мерки и активности од полициски службеници, соопшти полицијата.

Со свое соопштение се огласи и менаџментот на банката:

– Клиентите кои се затекнаа во нашата експозитура и вработените во банката се безбедни и во добра состојба. Во овој момент, Банката соработува со надлежните органи за најбрзо и ефикасно решавање на случајот. Средствата на нашите клиенти се сигурни, бидејќи Банката има осигурување на целиот свој имот и средства. Паралелно, работиме со истражните органи на утврдување на висината од направената штета, за што ќе ја известиме јавноста дополнително, стои во соопштението на банката.

Инаку, полициски службеници веднаш ја започнаа истрага за настанот.