Вооружен маж уби десетина луѓе во супермаркет во Вирџинија

Десетина луѓе се убиени откако вооружен маж пукал во граѓани кои пазарувале во супермаркет на „Волмарт“ во градот Чесапик во американската сојузна држава Вирџинија. Мажот, за кој се верува дека бил менаџер во супермаркетот, се самоубил откако го извршил нападот.

Полицијата објави малку детали за инцидентот, кој се случи во вечерните часови по локално време, но кажа дека има до десет мртви и повеќе повредени. Мотивот не е познат.

-Пукањето се случи внатре во супермаркетот, а напаѓачот дејствувал сам. Точната бројка на загинати засега не е позната, изјави портпаролот на полицијата Лео Косински.

Од супермаркетот кажаа дека меѓу загинатите има и неколкумина вработени.

Полицијата им соопшти на новинарите дека нападот се случил во 22:12 часот по локално време (4:12 часот по средноевропско време).

Сенаторката од сојузната држава Вирџинија, Луиз Лукас, рече дека ѝ е „апсолутно скршено срцето“ од, како што рече, „најновото масовно пукање во Америка“.

Таа на Твитер додаде: „Нема да мирувам додека не најдеме решенија за ставање крај на оваа епидемија на насилство во нашата земја“.

Нападот се случи само неколку дена откако вооружен маж отвори оган во ЛГБТ-ноќен клуб во американската сојузна држава Колорадо, при што уби пет лица, а 17 беа повредени. Во 2019 година, во масовно пукање во Волмарт во Ел Пасо, Тексас, загинаа 23 лица.

Претходна вестНа плоштадот „Македонија“ пaк вози кој како сака: Пропадна и четвртиот камион
Следна вестКазни за 136 возачи, петмина поминале на црвено, седуммина не давале првенство на минување…