Возачот на автобусот, сопственикот и раководителот на „Дурмо турс“, завршуваат во притвор

Тројца од инволвираните за несреќата кај Ласкарци, во која загинаа 15 луѓе, завршуваат во притвор: сопственикот и раководителот на компанијата, а доцна синоќа, притвор беше одреден и за возачот на автобусот. За уште три лица се прифатени мерки за претпазливост.
-Постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување мерка притвор за шест лица и мерки за претпазливост за едно лице, кои денеска беа спроведени во судот, судија на претходна постапка по исказите на лицата како и ценењето на фактите и доказите приложени во предлогот , донесе решенија со кои за Д.Б. Р.М. и М.Т го прифати предлогот на обвинителството и им предели мерка притвор во траење од по 30 дена, соопшти Основниот суд Скопје 1.
Претходно, обвинителството соопшти дека пребрзо возење од 99 километри на час и делумно неисправните сопирачки се главните причини за сообраќајната несреќа кај Ласкарци.
– Возачот управувал со недозволена брзина и тоа е главна причина бидејќи се движел со брзината од 99 километри на час, а максимално дозволена за овој вид автобуси е 80 километри на час. При таква брзина тој го активирал уредот за манипулација со тахографот за да се покаже помала брзина. Освен ова, уредите за сопирање не биле целосно исправни. Евидентирано е кочење дури откако ја преминал заштитната ограда меѓу две коловозни ленти. При техничките контроли неисправниоста на сопирачките не била евидентирана и не била отстранета, објасни обвинителот Сашо Рајчев.
Сопственикот и другите вработени од агенцијата кои го вршеле технички сервис на автобусот не го огранизирале превозот согласно на правилата и приписите.
– Седмото лице дало потврда дека тахографот е исправен без тоа да го провери. Иако бил утврден технички проблем со сопирачките, сепак автобусот добил сертификат за да превезува патници, потенцира обвинителот.
Вештачењето на телефонот на возачот пак покажало дека во моментот на несреќата тој не зборувал на мобилен.
Автобуската несреќа се случи на 13-ти февруари на автопатот Скопје-Тетово, во близина на селото Ласкарци, при што животот го загубија 15 лица а 39 беа потешко и полесно повредени.