Вреди да бидат овековечени последните траги од некогашното Скопје

Новинарката за надворешна политика во Македонското радио Валентина Базерко смета дека телевизиите треба да обрнат поголемо влијание на документарна програма за да ги забележат нештата кои се во исчезнување. 

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми и зошто?  

мисиите од културата, документарните филмови и патеписните репортажи се на врвот од листата на моите препораки за гледачите. Главно гледам странски канали и восхитена сум од начинот на кој во документарните програми умеат симпатично и без напор да го доловат тоа што е суштинско за земјите и градовите. Кај нас телевизиите одамна не се занимаваат со овие жанрови на современ професионален начин и тоа создава еден гап, празнина која нема да може адекватно да се надомести ниту во иднина. Освен ова, нашите телевизии дури и во ваквите програми се помалку визуелни, а повеќе наративно ориентирани и навистина доцниме зад светот.   

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?  

Ги сакам емисиите во кои се разоткриваат животни приказни, ги сакам и документарците кои го откриваат непознатото и го преоткриваат помалку познатото. Ние заборавивме да видиме колку убавини има околу нас, секојдневно ги одминуваме како и да не се покрај нас. Сега веќе имаме и едно Старо Скопје во исчезнување и со задоволство би направила еден документарец за тоа Скопје кое секојдневно го збришува напредокот кој и не е тоа, затоа што напредок одамна не значи град окован во бетон и асфалт. Ете, тие последни траги од некогашното Скопје мислам дека се вредни да бидат овековечени.   

 Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии, дали главниот град е доволно откриен како новинарска и секоја друга тема?  

Дури и кога е застапено како тема, Скопје е застапено несоодветно. Да се говори за Скопје не значи дека не треба да мрднеме од темите за ѓубрето, парковите и зеленилото. Градовите имаат своја култура, имаат слоеви, имаат свој живот испреплетен со животите на генерациите, свои фази на раст и развој, а медиумите, за жал, одамна не се во чекор со тоа што е Скопје на денешнината. Не само во стварноста, туку и во медиумите, ни треба нова дефиниција на тоа што е Скопје. Скопје едноставно ги надмина старите дефиниции на кои бевме навикнати. Во тие дефиниции на Скопје тоа што е Скопје сега, едноставно не го собира. 

Преку сериите се калемат некои неевропски вредности 

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот? 

 Несомнено синхронизираните ТВ серии. Зошто? Тешко е да се одговори накратко, но ќе споменам дека никој кај нас не направил сериозна социолошка анализа на последиците од евтините синхронизирани ТВ серии кои се реемитуваат по едно сто пати на националните телевизии. Тоа се само навидум наивни приказни, но нивната доминација во тв- програмите ни носи најмалку два проблема. Кога еден актер синхронизира 5 ликови, говорењето му е извештачено, а децата имитираат, па прашајте ги логопедите со какви проблеми кои ги немало порано се среќаваат сега. Вториот проблем е што овие серии придонесуваат за извесно калемење на некакви неовдешни и неевропски вредности кај аудиториумот и нејасно е зошто нашите телевизии не набавуваат серии кои се популарни во повеќе соседни земји, или во Европа. Би било пожелно да ги прашате и тие кои набавуваат програма зошто е тоа така, но и регулаторните тела би требало да се позанимаваат со квалитетот на набавената програма.