Вредно археолошко откритие: Во „Тумба Маџари“ откриена нова фигурина од типот на „Голема Мајка“

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков денеска од неолитскиот локалитет „Тумба Маџари“ на подрачјето на скопската општина Гази Баба ја информираше јавноста за новото откритие од актуелните археолошки истражувања, фигурина од типот на „Голема Мајка“.

-Новооткриената фигурина, заедно со уште една амфора, се значајни предмети кои ја збогатуваат ризницата на раритетни откритија на тлото на државата и даваат посебна ексклузивност на македонската археологија, историја и култура, рече министерот Љутков.

Тој додаде дека за Министерството за култура и туризам, новите откритија се важни и во насока на тоа што укажуваат дека границите на локалитетот се прошируваат.

-Жалам што во годините наназад археолошки истражувања биле во застој, се определувале средства само за одржување, но како што сум информиран веќе е изготвен Елаборат за валоризација на локалитетот и Министерството за култура и туризам ќе даде силна поддршка во заштитата на културното наследство како наш врвен приоритет. Овој локалитет ќе се прогласи за културно наследство од особено значење и „Тумба Маџари“, како дел од урбано Скопје, повидливо ќе се стави и во функција на културниот туризам, истакна Љутков.

Тој додаде дека вгодина, ќе бидат зголемени минималните средства кои годинава се определни за поддршка на археолошките истражувања на локалитетот.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски изрази задоволство од продолжување на истражувањата на локалитетот и новите откритија, додавајќи дека тие продолжуваат со негова афирмација и промоција надвор од границите на државата. Тој ја поддржа иницијативана на Министерството за прогласување на локалитетот за културно наследство од особено значење што, како што рече ќе обезбеди трајна заштита на ова непроценливо културно наследство.

Со оглед на тоа што археолошките истражувања на локалитетот годинава продолжуваат по 10 годишен застој, раководителката на проектот, археологот Елена Стојанова-Канзурова, посочи на уникатноста на наодите од Скопскиот и од Пелагонискиот регион од неолитскиот период во светски рамки, и токму поради тоа најави апликација за нивно впишување на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.

Предисториската населба Тумба, Маџари во Скопје е археолошки локалитет кој со своите уметнички и естетски вредности на материјалната и духовната култура е веќе потврден во научните кругови. Археолошките истражувања во изминативе триесетина години покажаа дека се работи за населба од неолитот, која својата економска благосостојба и културен просперитет ги доживува во средниот неолит, 5.800-5.300 год. п.н.е. Во археолошките ископувања од 1981 год. до денес дефинирани се неколку станбени објекти со разновиден и богат движен и недвижен инвентар. Најзначајно откритие е склптура на Големата Мајка Божица – заштитницата на плодноста, е претставена на начин што засега е непознат меѓу неолитските култури од другите балкански простори.  Таа е пронајдена во една куќа во оваа неолитската населба во 1981 год. со висина од 39 см. Големата мајка е претставена како божица на плодноста и има улога на семејно светилиште кое го чува мирот во домот. Таа е заштитничка на домот и семејството и симболизира мајка хранителка. Во Македонија ”Големата мајка” (Магна Матер) е најпочитуван култ во периодот на неолитот. Првите претстави се од 6500- 3500 п.н.е.

 

Претходна вестБруно Делбонел добитник на „Златна камера 300“ за животен опус на 45. издание на „Браќа Манаки“
Следна вестЗлате Мехмедовиќ од ЗНАМ ќе биде нов директор на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација