Времето ќе покаже кој од градоначалниците има искрена намера да помогне околу бездомните животни

 Со Гизела Бошковска, активист за заштита на животните во „Анима мунди“ зборуваме за (не)решавањето на проблемот со бездомните животни на скопското подрачје и за мерките коишто би требало да се преземат.

Проблемот со бездомните животни на подрачјето на Скопје никако да се реши или барем да почне значително да се менува. И натаму по населбите гледаме многу вакви животни, има информации за каснати и нападнати граѓани…

– Не ни очекуваме во догледно време да се реши проблемот со бездомните животни. Нашето здружение со години, од самото оформување, постојано повторува дека за решавање на овој проблем се потребни законски, институционални промени и службеници кои безрезервно и доследно ке ги спроведуваат законите и правилниците.

Кога институциите ќе престанат да ги третираат како заштитен вид неодговорниот сопственик и одгледувачниците кои се причинители број 1 за бездомната популација на животни тогаш ќе можеме да кажеме дека сме почнале да го решаваме проблемот.

Како гледате на активности кои ги презема ЈП „Лајка“? Како гледате на она што го прават општините, што го прави Агенцијата за храна и ветеринарство?

 Новото раководство на ЈП Лајка и покрај наследување на неверојатно задолжено, практично банкротирано претпријатие, засега солидно се држи и дава прилично добри неделни резултати на кучиња кои го прошле хуманиот третман и вдомени кучиња со помош на здруженијата и самостојните активисти. Со претпријатието имаме одлична комуникација, разбирање и отвореност – нешто кое што не сме имале 13 години. Сепак е премногу рано за да се очекува огромен резултат од нивната работа, но со ваков тип на солидно темпо би можеле да имаме видливи резултати за една година.

Во однос на општините, има одредени градоначалници со кои остваривме средби и се расположени за соработка, тие се исклучително важна алка во решавање на овој проблем со тоа што би можеле да субвенционираат кастрации и стерилизации на домашни миленици за жителите на нивните општини и со ваков тип на субвенција значително би помогнале во спречување на несакани легла кои потоа завршуваат на улица. Но се уште немаме конкретен договор, ќе оставиме времето да покаже кој од нив има искрена и чесна намера да помогне.

 Што треба да се смени во работењето на овие институции, какви промени се потребни за да се реши проблемот со бездомните животни?

 Ќе ги издвојам Агенцијата за храна и ветеринарство како институција надлежна за спроведување на законот за благосостојба на животните и како институција која е недоследна во својата работа. Ништо друго повеќе не кажува зашто проблемот со бездомните животни не е решен од тоа дека нашето здружение за последните два месеци има испратено до нив 17 пријави за мачење, малтретирање животни и Агенцијата постапи само по една, намерно изгладнување на животно со ветеринарен извештај како доказ и животното е се уште кај т.н. сопственик, неухрането, а можеби веќе угинато.

Законот под нивна надлежност е солиден но, за жал, неспособноста на институцијата да го спроведе на дело резултира со долгогодишен проблем со бездомни животни.

Како „Анима мунди“ се залагате за субвенционирање на стерилизации и кастрации за домашни миленици оти цената за истиот за нашиот стандард е висока. Зошто, според Вас, таа идеја не се прифаќа од страна на надлежните?

– Сметам дека пред започнувањето на субвенционирање од ваков тип треба да има неколку месечна едукативна кампања за тоа кои би биле позитивните ефекти од овие субвенции. Некако на нашите граѓани се уште не им е јасно како оди процесот од домашно до бездомно животно и дека секое едно бездомно животно е бездомно поради некое домашно, дали од прво или десето колено. Доколку се спроведе добра едукативна кампања со бенефитите од зафатот како намалување на бројот на бездомни животни дополнително дека зафатот придонесува до подолг век на живеење на миленикот граѓаните повеќе ке ја ценат оваа субвенција и градоначалниците се повеќе ке имаат интерес да финансираат вакво нешто.

Претходна вестАрхиепископот Стефан и српскиот патријарх ќе служат литургија и во Скопје на Денот на сесловенските просветители
Следна вестРусија престана да испорачува гас во Финска