Втор ден на жалост, културните настани продолжуваат од утре

Дводневната жалост за 14мината загинати во страотната сообраќајна несреќа е причина заради која културно-уметничките установи ги презакажаа звоите настани и претстави. Така Македонскиот народен театар, ја откажа најавената изведба на „ Мама Миа “, Македонска филхармонија пак, го одложи концертот под наслов „Моја љубов“ за понеделник- 18 февруари.
И екипата на документарниот филм „ Медена земја“, кој победи на фестивалот Санденс во Јута- САД, и освои вкупно 4 награди во 3 категории, ја откажа најавената прес конференција за денеска во МКЦ. Од тимот на „ Медена земја“, наскоро ќе го објават новиот датум и термин за прес конференција со наградените автори на документарецот.
Откажани се и претставите во Драмски театар, „Партија реми“ и „Крал Иби“. А за утре е презакажана претставата „Вардарски пастуви“ во Театар Комедија.
Првиот од двата концерти на Каролина со Македонската филхармонија е презакажан од 15-ти за 17 февруари. Вториот концерт останува в сабота, на 16 февруари.