За чии образи зборува Пендаровски?

Датумот на кој ЕУ ќе ни даде нам во Македонија датум за почеток на давање датуми за влез во Унијата изгледа пак ќе го нема. А блиску бевме, тука некаде беше датумот, со години се врткаше околу нас. Наши врвни политичари дури и го славеа како добиен, те во авион се фоткаа насмеани, те на митинзи го добиваа, те на телевизија „добро информирани“ новинари го донесуваа…

Ама…

Овој пат македонските политичари ја свртија плочата. Како веќе да почнаа да ја подготвуваат јавност дека и во јуни нема да добиеме датум. Не шират оптимизам, не велат дека сме пред вратите на рајот, не дигаат палци на наместени фотографии…

На премиерот, на министрите за надворешни работи, за евроинтеграции, сега им се придружи и шефот на државата. Претседателот Стево Пендаровски во вчерашниот настап беше и директен.

-Извесно е оти бугарското вето ќе остане и дека нашиот пат кон ЕУ ќе стагнира. За нас таа приказна е завршена. Ние по 20 години кажување и зборување за ЕУ и НАТО, со кој образ ќе излеземе пред граѓаните и да им кажеме дека еве сега ќе се вклучиме во една нова европска иницијатива. Ние мора да знаеме дали таа иницијатива на францускиот претседател Макрон се однесува на Украина, Грузија и Молдавија или нѐ опфаќа и нас, оцени вчера Пендаровски.

И така… дојде време наши политичари да се прашуваат за образот. Дали го бараат и одговорот?

Навистина е прашање со кој образ ќе се излезе пред македонските граѓани на кои до сега им се ветуваа „брда и долини“ само ако се попушти и отстапи од националното…  Се клечеше во Брисел, го сменија името на државата, се прифати „заедничката историја“ со Бугарија… и пак датумот не дојде, напротив сега се бараат нови отстапки.

Чиј образ не процени дека големите отстапки само ќе не носат кон нови странски барања за уште попуштања и клечења? Чии насмеани образи договараа и преговараа со ЕУ и соседните земји? Чиј образ ветуваше на граѓаните дека сигурно ќе влеземе во ЕУ по попуштањето пред Грција и потпишувањето на договорот со Бугарија? Чии образи „умно“ објаснуваа дека единствена алтернатива е…

Може пак Пендаровски мисли на образот на ЕУ и тамошни функционери? Или пак уште поопшто – само на некој си образ? Онака – реторички. 

Граѓаните ќе чекаат одговори. Инаку, народот одамна има кажано дека е зафркнато кога некој има „образ – ѓон“.

 

Претходна вестДома имал 45 пакувања марихуана и вага, го посетила полицијата…
Следна вестГи молиме градоносните облаци да не доаѓаат ноќе