За две години населението на ЕУ се намалило за околу 600.000 луѓе

Меѓу 1 јануари 2020 година и 1 јануари 2022 година, населението на ЕУ се намалило за 585.000 луѓе, покажуваат податоците на Евростат.

Највисоки намалувања во апсолутни бројки се забележани во Италија (-611.000, што одговара на 1 отсто) и во Полска (-304.000, -0,8 проценти), а во релативна смисла во Хрватска (-4,8 отсто, -196.000) и Грција (−2,4 отсто, −259.000).

Инаку, во Европската унија (ЕУ) во 2022 година живееле 446,7 милиони луѓе. Најнаселена земја-членка е Германија (83,2 милиони, 19 проценти од вкупниот број во ЕУ), втора е Франција (67,9 милиони, 15 отсто), а во првите пет се и Италија (59,0 милиони, 13 отсто), Шпанија (47,4 милиони, 11 проценти) и Полска (37,7 милиони, 8 отсто).

Овие пет земји-членки сочинуваат вкупно две третини од населението на ЕУ.

Најмалку населени земји-членки на ЕУ, пак, се Малта (521.000 луѓе, што е 0,1% од вкупниот број на ЕУ), Луксембург (645.000, исто така 0.1 отсто) и Кипар (905.000, 0.2 проценти).

Во периодот од 2001 до 2020 година, вкупното население на ЕУ се зголемило од 429 милиони на 447 милиони, што претставува раст од 4%. Седумнаесет земји-членки имале пораст на населението во овој период, а десет евидентирале намалувања. Најголеми релативни зголемувања се забележани во Луксембург (43 проценти), Малта (31 отсто), Ирска (30%) и Кипар (27 отсто), додека најголемо намалување имаат Литванија (-20 проценти) и Летонија (-19 отсто).

Севкупно, десет земји членки на ЕУ имале намалување на нивното население во текот на двегодишниот период 2020-2021 година, додека останатите забележале зглемување. Најголем апсолутен пораст има Франција (552.000, 0,8 отсто), а Луксембург највисок релативен пораст (3,1 отсто, 19.000).

Претходна вестИзбори во Турција: Ердоган или Киличдароглу?
Следна вестЕден возач казнет за поминување на црвено светло