За еден час во Тетово полицијата казнила 70 возачи, а за 20 дена се напишани над 9.000 казни во целата држава.
„Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици. До сега во овие дваесетина дена откако започнаа засилените сообраќајни контроли изречени се околу 9.000 санкции, најчесто за возење со брзина над дозволената, нерегистрирани возила, а се санкционираат и возачите на мотори кои не ги почитуваат правилата“, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Тој апелираше до граѓаните на Тетово да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
„Само за еден час во денешната акциска контрола во Тетово се изречени 70 санкции, пред се за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола и друго“, соопшти Ангеловски, кој потенцира дека акциските контроли продолжуваат и во наредните денови, а целосните податоци од денешната засилена акциска контрола во Тетово ќе бидат презентирани утре.