За кого „бијат камбаните“ за корупција и нетранспарентни тендери?

Во најновиот извештај на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за јавните набавки за првото полугодие од 2021 година се запишани слабости и корупција. Исто како и во претходните што редовно ги објавува, и последното набљудување на јавните набавки покажало: договарања во четири очи меѓу институциите и понудувачите, електронска аукција во над 90 отсто од случаите- што укажува на манипулации и корупција, но и склучени договори во вредност од 7,9 милиони евра преку нетранспарентна постапка, со преговарање, без објавување оглас…

-Иако незадолжителна, електронската аукција била применета во 91% од јавните набавки што упатува на тоа дека е-аукцијата се користи како механизам за манипулации и корупција. Честото совпаѓање на вредноста на доставените понуди со проценетата вредност на тендерите, која не е јавно објавена, упатува на претходно договарање меѓу институциите и понудувачите, стои во извештајот.

Но не се само извештаите на Центарот. За сомнително и корупциско функционирање на одредени личности на високи позиции во власта последниве години алармира и Антикорупциската комисија. Ама, безмалку, ниедна нејзина порака во насока на иницирање на процеси против сомнителни на корупција функционери, никогаш на е процесуирана. Со други зборови, Антикорупциска „лови“ но институциите не ја есапат.

Логично и метафорично следи прашањето: за кого, воопшто, бијат камбаните? Зошто постојат ваквите организации кога никој не ги слуша? Зошто никому не му се слуша кога се зборува за корупција, манипулација со парите на народот – без никој да одговара? Зошто нема казни? Не ни треба ЕУ за да констатираме што не чини дома, но дали преземаме и што за да се промени?

Претходна вестКовачевски ќе биде мандатар, објави ново раководство и ново поглавје во СДСМ
Следна вестДо 15 февруари е отворен конкурсот за наградата „Гоце Делчев“ за 2022 година