За Макрадули загадувањето не е големо, проблем биле евтините сензори

Загадувањето го притиска Скопје и цела Македонија. Сите ги очекуваме ветените мерки. Сепак, денеска заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули на граѓаните отворено има порача да не веруваат на мерните инструменти кои не се во сопственост на државните институции. Освен ова, тој тврди дека годинава, во последните три месеци, има драстично намалување на загаденоста на воздухот.

-Факт е дека има драстично намалување на загадувањето претходната недела кога имаше магла немавме екстремно високи концентрации. Анализите во сите држави се прават врз податоците од државниот мониторинг кој се служат со инструменти кои чинат пари. Креирањето на политика со „Алиекспрес“ сензори може само да создаде паника кај граѓаните, изјави Макрадули.

Тој, меѓутоа, не објасни дали под инструменти кои шират паника ги опфаќа и оние кои служат за соопштување на податоците од страна на светската листа „Аирвижуал“. На неа, последниве недели Скопје, но и други наши градови се наоѓаа во самиот врв според степенот на загаденоста на воздухот. Дали и овие се нерелевантни? Инаку, токму Макрадули често високите податоци за загаденоста кај државните мерни станици ги објаснуваше со „неисправноста на уредите“…

Неодамна и невладината О2 иницијатива реагираше контра Макрадули и на неговите тврдења дека во оваа година имало најмалку загадени денови. Таквите негови изјави за О2 иницијатива се „површни, аматерски и ненаучни“.