За малку вакцините ќе дојдеа во февруари, фрижидерите чекаат…

Готово, завржува февруари, ама не заврши неизвесното чекање на вакцините. А беше ветено дека во февруари сигурно ќе дојдат и ние поверувавме. Поверувавме затоа што сите во Европа одамна се вакцинираат и си велевме дека белки нема и февруари да го прескокнеме и белки имаат малку образ оние кои ветуваат и нема да си дозволат во недоглед да трае агонијата. Ама…

До каде се сега стигнати вакцините, во Македонија не дојдоа? Конечно фружидери имаме, ама празни се. Те се разговарало за доаѓање на вакцините, те законски измени требало, те договор наскоро ќе потпишеме, те најдобар план имаме за вакцинирање, те…

Едноставно, секој ден бевме бомбардирани со најави, најави…

Сега, малку намалија со најавите. Последно што ни рекоа е дека пристигнувањето на 200.000 кинески вакцини може да се пролонгира за неколку дена од предвидениот рок до крајот на овој месец, но не подолго, изјави министерот за здравство Венко Филиипче.

Тој не сакаше да споменува датум, бидејќи како што рече, досега неколку пати било кажувано, но секогаш имало по некое ново прашање што треба да се дефинира.

А кога ќе дојде на ред одговор на прашањето – ќе одговара ли некој за оваа ситуација?

Долго време нашите најодговорни луѓе чекаа од надвор да им кажат – како и каде да се набават вакцините. Потоа кога се подразбудија, се виде нивната неспособност и така… фрижидерите се празни иако најверојатно властите секој ден проверуваат да не случајно некој им ги наполни – барем со ракчиња, бивтеци, лук… за да си го засилат имунитетот кога веќе ги нема вакцините.

Претходна вестСонцево со северен ветер кој ќе ги намали температурите
Следна вестДа сум градоначалник на Гази Баба итно би направила поликлиника, базен…