За МПЦ

Колумна на Наташа Котлар – Трајкова:

Минатата недела неколкумина „северни“ претставници имаа средба со всeленскиот патријарх Вартоломеј – поглаварот на Цариградската патријаршија. Со првиот меѓу еднаквите во Православната црква, се разговарало за конкретно обединување на сестринските цркви, а во тој ред и (непризнатата) МПЦ- ОА, која делува во „Северна“. Демек за екуменизам и сл.! Во минатото, македонскиот народ и неговата црква – Охридската архиепископија, биле под скиптарот на патријархот со вселенски достоинства. Се враќа ли во времето на Фанариотите, оние истите кои го реализираа планот за укинување на Охридската архиепископија (1767)!?

Се чини дека и овој пат проблемот е во атрибутот македонски, кој пак, ја оживотворува македонската содржина. Во борбата против Цариградската патријаршија и нејзиното грцизирање на духовниот, а со тоа и на световниот живот, македонскиот народ бил на заеднички фронт со бугарскиот, настојуваќи да се создаде една православна христијанска црква за словенското (јазично) население во Османлиската империја. Со огромната поддршка на Царска Русија, во февруари 1870 г. била создадена Бугарската егзархија, која пак, рускиот гроф Игнатиев ја претставувал како словенска.

Но, Македонците  веќе во јуни 1870 г. јавно реагирале на страниците на бугарскиот весник „Македонија“ (намерно така именуван). Еве исечок: „Ферманот кога излезе од милостивите раце на султанот претставуваше голема утеха за Бугарите… но таа висока милост не беше дадена само исклучиво за Бугарите, туку истото се вети и за Македонците… Но пред да се соединиме, мислиме и сметаме дека ни е должност да ги прашаме и да ни кажат – како ќе пастируваат, според евангелската заповед ли или како до денеска што ни пастирувале грчките владици тирански и деспотски?… не е срамота да ни кажат… барем да не си ја бувтаме главата суетно, па најпосле поголеми главоболија да имаме, прашања македонски.“

Затоа, внимавајте и просветувајте се!