За надлежните не треба да има летен распуст, образовниот систем едвај заслужува двојка

Скопјани образованието би го оставиле на полагање…

Воспитувањето е маргинализирано во училиштата. Инаку, за жал, насекаде навлезе политиката, а најлошо е кога тоа се случува во образованието, кое треба да е столб на општеството, ни вели скопјанката Славица Трпевска – Рибеиро

Каква квалитетна настава може да има во паралелка со 36 ученици? Квалитет се прави во паралелки со 25 ученици. Прекубројните требаше да се запишуваат во други училишта, но кај нас се продуцираат петки, а потоа се попушта и се запишуваат сите под притисок на родителите, објаснува професорот Ефтим Пејовски

Крајот на учебната година е време кога треба да се сумираат резултатите од сработениото. Но, летниот распуст е и време кога треба надлежните институции засилено да работат на поподготвено дочекување на првото училишно ѕвонче веќе во септември. А дека е потребна многу работа и дека ситуацијата во образованието не е добра се виде и од начинот и образложанието на оставката на заменикот министер. Тој посоши дека немал можност да делува и дека не се оствариле промените кои ги навестувале.

Скопјани не даваат висока оценка на сработеното, велат дека на виделина и оваа година излегле многуте проблеми кои постојат во нашето основно и средно образование. Наставата по одредени предмети се импровизира, затоа што нема нагледни средства, има предмети за кои нема учебници, дел од наставниците се пасивни или полузаинтересирани во пренесување на знаењето, се занемарува воспитниот дел од работата во училиштата, постои низок критериум на оценување и фабрикување на „одликаши“, со врски се поправаат оценки, средношколците не добиваат доволно знаење за лесно да се вклопат на факултет, учениците се незаинетересирани и има многу отсуства од часови… ова се главните забелешки на нашите соговорници кои ги анкетиравме во врска со состојбата во основното и средното образование.

-Воспитувањето е маргинализирано во училиштата. Наставниците не се интересираат за воспитниот дел, само да го одржат часот и толку. За жал, насекаде навлезе политиката, а најлошо е кога тоа се случува во образованието кое треба да е столб на општеството. Се вработуваат лица со партиски книшки иако не се способни да бидат наставници, ниту, пак, се стручни, ни вели скопјанката Славица Трпевска – Рибеиро.

Дали надлежните институции ќе го искористат тримесечниот период за да ги подобрат наведените аномалии? Не е добро сета мака или критика да се фрли само врз грбот на наставниците, сепак некој треба да подготви терен тие да работат посоодветно, но, некој треба и поревносно да ги надгледува наставниците како си ја извршуваат работната задача.

-На наставничките совети се случува вистински пазар со оценките. Тројки и четворки лесно стануваат петки… Се фабрикува одличен успех иако едвај се заслужува многу добар. Наставниците си прават „на ти – дај ми“ со оценките. Тоа е недостојно, ни вели една наставничка која сакаше да остане анонимна.

Фабрикувањето на „одличните“ ученици придонесе на неодамнешниот упис во средните училишта во некои гимназии да се јават премногу одлични ученици. Типичен случај беше со гимназијата „Орце Николов“ каде имаше место за 285 ученици во девет паралелки. Таму, Министерството за образование реши да ги запише сите 330 пријавени ученици со сите петки.

-Тоа не требаше да се дозволи. Каква квалитетна настава може да има во паралелка со 36 ученици! Квалитет се прави во паралелки со 25 ученици. Прекубројните требаше да се запишуваат во други училишта, но кај нас се продуцираат петки, а потоа се попушта и се запишуваат сите под притисок на родителите. Поради тоа не можеме да очекуваме дека стручните училишта ќе станат привлечни за учениците. Мал упис во нив и сега ни се случи, предупредува Ефтим Пејовски, професор во средното стручно училиште „Михајло Пупин“

Пејовски, кој беше и директор на ова школо, вели дека без добро опремување на кабинетите во стручните училишта и поврзување со бизнисот не може да се очекува зголемен упис.

-Не може наставата да се прави само со табла и креда, а ученикот да се смета како бунар во кој само ќе се сипува материјалот. Мора и да се заштитат наставниците од влијанијата за поправање на оценките. Ако сакаме квалитет, треба да се бориме против тоа, предупредува овој професор.

Авторитетот и угледот на наставниците, се чини, е прво нешто што паднало во општото опаѓање на квалитетот на нашето образование.

-Родителите си земаат преголеми права, си даваат за право да кажуваат која оценка треба да ја има нивното дете. И мене ми се случувало да ми се јавуваат по телефон заради тоа, да доаѓаат лично во училиштето. Така ни се нарушува авторитетот. Децата добиваат впечаток дека родителите можат се да им завршат. Наставниците треба да се заштитат од вакви притисоци, ни вели наставничката Анета Велковска, која оваа учебна година беше прогласена за најдобар просветен работник во Скопје.

Другите наставници со кои контактираше „Скопско ехо“, пак, се пожалија дека надлежните во школите, во општината, во Министерството, малку или воопшто не ги штитат од притисоците на „моќните родители“. Затоа и се случуваат инциденти, агресивно однесување на некои ученици кои им се закануваат на наставниците, ги навредуваат, не одат на часови…

Во скопските училишта неоправданите изостаноци на учениците се мерат на илјадници. Некогаш се случува родителите само да им се јават на наставниците за да ги „покријат“ своите разгалени деца и тоа се уважува.

-Моето дете не доби соодветна подлога по два наставни предмети. Наставниците не се зафатиле сериозно со работата и сега мојот син не знае доволно биологија и физика. Се распрашав и кај неговите другарчиња, сите велат дека немаат сериозна настава по тие предмети, а добиваат добри оценки. Ова мора да се смени, наставниците мора да си ја вршат работата, ни вели еден скопјанец кој од страв поради евентуалните проблеми што би можеле да ги имаат учениците, бараше да не се напише неговото име.

Ова се дел од аномалиите кои надлежните органи и институции,  како што се Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, Градот Скопје, општините, училишните управи, треба да ги исполнат во овој период на школскиот распуст. Се најавува нов закон за основното образование, промени во изборот на директори на училишта, но дали е тоа се што може да се направи?

Дефинитивно за надлежните не треба да има летен распуст!

Компјутери, проектори… кога ќе се набават?

Големо прашање е дали нешто ќе се смени во изведувањето на наставата со помош на компјутери. Компјутерите во училиштата се десеткувани, расипани, одвај во функција и без редовен интернет. Наставата повторно најмногу се одвива теоретски.

-До септември тешко може да се набави опрема и да се сака. Има процедури. Но, ако се почне денеска, до јануари би можело нешто да се стори. Минимум што треба да се набави се проектори, паметни табли, големи телевизори во секоја училница, лап-топ за секој наставник. Не мора за сите ученици пак да се набавуваат компјутери,  ниту, пак, во секое школо треба да се опремат 3-4 училници со комјутери за настава по предмети. За потребите на наставата по предметот информатика во секое училиште треба да има по еден добро опремен кабинет. Апелирам да се набави таква опрема сега, но се уште не сум слушнал дека се готви такво нешто, ни изјави Миле Јованов професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство.