За пожарот во тетовската модуларна болница обвинети три физички лица и едно правно лице

Три физички лица и едно правно се најдоа во Обвинителниот предлог на Основното јавно Обвинителство во Тетово за трагичниот пожар во модуларната болница на 8 септември лани кој однесе 14 човечки животи. Засега е непознато кои се опфатени со Предлогот, но затоа се познати делата за кои се гонат.

Тешки дела против општата сигурност е кривичното дело за кое се товарат прво и второобвинетиот во Предлогот на тетовското Обвинителство, а непостапување според здравствени прописи за време на епидемија е делото што му е припишано на третообвинетиот.

Две кривични дела се однесуваат за правното лице – предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

Во пожарот во модуларната болница во Тетово лани загинаа 14 лица од кои 12 пациенти и двајца роднини на хоспитализираните.

Обвинители од Тетово и од Скопје учествува во домашната истрага. Вештачење за причините на пожарот спроведоа и експерти од Германија.

Министерството за внатрешни работи (МВР) изготви извештај кој го објави по околу еден месец од трагичниот настан во кој се тврдеше дека пожарот настанал како последица од спој преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилаторот со кој се вршела реанимација на еден од пациентите. Прегревањето на кабелот, како што беше наведено во извештајот, предизвикало палење во приклучната кутија од продолжениот кабел на кој покрај дефибрилаторот биле приклучени и полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.