Со Невена Георгиевска, активист од „О2 – Иницијатива“ зборуваме за загадувањето на воздухот во претстојниот период и дали надлежните доволно направија да се намали овој голем проблем на Скопје.
Каква ситуација може да очекуваме во претстојниот зимски период во однос на загадувањето на воздухот во Скопје?
– Со сигурност престојните зимски денови ќе бидат денови со загаден воздух над дозволените граници, и оваа зима нема многу да се разликува од претходните години. Изворите на загадување се повеќе и со оглед на тоа што скоро ништо не се прави на нивно намалување и сузбивање нема да имаме големи промени. Единствено нешто што може малку да ја подобри ситуацијата е ветар, за среќа изминативе 2 години имавме повеќе такви денови па немавме многу долги периоди над 10 дена со загаден воздух, па и помалку загадени денови. Дури и во случаи да имаме намалување на сообраќај или др. ристрикции заради нови мерки со пандемијата, големо намалување нема да има.
Дали надлежните државни и градски органи презеле доволно мерки за да аерозагадување биде намалено доволно?
– Не, за да имаме и малку намалување потребни се многу подрастични мерки и посеопфатни издржани решенија. И доколку се презела одредена мерка кон 1 извор на загадување, кон друг воопшто ништо не се презема или па се преземаат такви активности што дури и ја влошуваат ситуацијата. Гасификацијата –доцни, само се исекоа непотребно квалитетни дрва, наместо да имаме тенденција на намалување на сообраќај од центарот на градот и пренасочување на заообиколница, имаме проширување на улица, дозволен увоз на дизел возила кои се отпад за Европа итн. Ништо не е сторено во поглед на воспоставување на систем за управување со отпад според законските стандарди, со постојаното непланско градење имаме нови жители, дополнително отпад – нови депонии, нови социјални случааи што се приморани да се греаат на секаков отпад заради гола егзистенција. Од оние малку мерки што се преземаат – субвенции за клима -инвертор очекувам да се направи реална анализа колку пред и после во одредени делови каде имало поголем одзив е намалено загадувањето и врз осова на тоа за следниот период да се изготви план како и со колку да се оди за да имаме повидливи резултати. Но, во вкупното загадување во градот не очекувам голема промена.
Што е најнепоходно и најургентно да се преземе?
-Мора повеќе работи паралелно, повеќе средства за да може многу повеќе субвенции за промена на начинот на загревање, да се вложува во еколошки и зелени решенија, напуштање на користење на фосилни горива, користење на сончева енергија, топлотни пумпи, енергетска ефикасност во изградба.
Да се стопира непланското градење – заради повеќе фактори кои влијаат на загадувањето – пренаселеност, стопирање на природните струења на воздух во котлината, немање капацитет со справување на отпад, дополнителен сообраќај. Секоја слободна површина треба да биде претворена во зелена површина – не се потребни скапо уредени паркови со бекатонски урбани елементи, доволно е само трева и дрва.
Дивата депонија Вардариште која е огромен извор на загадување мора под итно да биде исчистена, обебедена и да се почне со нејзино рекултивација и претварање во зелена површина, истото важи за сите др сметилишта, напуштени и деградирани области во градов.
Построги критериуми за сите регистрирани загадувачи, инспекции и казни, откривање на нерегистрираните и нивно затворање/отстранување и санкционирање .
Непречено носење на сите закони со кои касниме и за кои веќе сме опоменати во последниот извештај од Европската Комисија но и нивна доследна имплементација.
Што е главен проблем – недостиг на средства за оваа област или немање на политичка волја?
– И едното и другото, но со самото тоа што нема политичка волја нема и доволно средства, мислам дека проблемот е и што се нема доволно познавање за комплексноста на проблемот. За оние па кои се на позиции и треба да почнат да го решаават комплексноста па е изговор за негово нерешавање, наместо да се излезе со похрабри и посеопфатни решенија и рокови колку и до кога, имаме само пр кампањи и решенија до следните избори. Ваквиот начин на потценвање на овој проблем ни носи огромни загуби не само во поглед на губење животи, матријални штети како последица на тоа но и индиректно со дополнителните средства што ќе се потребни за отстранување на последиците, зошто најголемата штета од целата наша неодговорност и негрижа ја правиме кон идните наши генерации.