За турбо фолкот ќе воведам специјален данок

Писателот Илија Ико Каров одговара на прашањето кои три работи би ги направил ако тој е градоначалник на општина Центар.

1.Олеснувања за добра музикаЗа турбо фолк журка би вовел специјален данок, а за локали и дискотеки со добра музика би имало олеснителни околности! Скопје отсекогаш знаело што е добар и квалитетен културен живот, ова сега што му се случува на мојот град искрено верувам дека е само преодна фаза!

2. Проток на воздух во градот

Би ги пронашол сите паметњаковичи што градеа и дозволија да се градат зградишта една до друга без да буцнат ни едно дрвце помеѓу ( Дебар маало, Капиштец..). И од прв до последен ќе ги поставам секој на врвот на својот срам (зграда), рачно да вртат големи вентилатори за да има проток на воздух во градот. Воедно, со тој чин ќе пратам порака на младината да берат ум во главата, да знаат дека нема бегање од одговорност и секако дека природните ресурси се искористливи и дека треба да ги штедиме. Колку стана во зградата- толку години ќе вртат! Не би ги рушел зградите само затоа што таму има домови на добри луѓе.

ПС: Ирена Ристиќ ќе ја ставам да биде одговорна за хигиената во градот, а другарите ми Војо и Бети за сите бездомни животни!

 3. Фонд за болни деца

Би направил арт перформанс со наслов: “Збогум Кичу” , во чии рамки би го минирал проектот Скопје 2014та! Следствено од средствата што ќе ги соберам од продажбата на таа кутра и осквернавена бронза би оформил фонд за болни деца од цела МК.