Денес Синдикатот ќе ја блокира Владата. Барањата се исти, како и претходно кога протестираа кај Собранието и Стопанската комора: минимална плата од 600 евра и зголемување на сите плати за по 100 евра.
Додека Синдикатот блокира, Владата е под притисок, а опозицијата се обидува да профитира, работодавачите, особено крупните, како да се подзаскрија зад ѕид. Речиси никој јавно и детално не објасни зошто, според нив, не се создадени услови за покачување на минималната плата.
И наместо да се отвори аргументирана јавна дебата за продуктивноста, трошоците, профитите и реалните можности за зголемување на платите, целата борба за повисок „минималец” се сведува само на притисокот врз Владата. Како да оваа одлука треба да биде политичка, а не економска. И како на компаниите да им одговара што незадоволството на работниците е насочено кон институциите, а не кон работодавачите.
Во меѓувреме, реалноста за илјадници семејства останува иста – минималната плата тешко ги покрива основните трошоци за живот. А реалноста е и дека има работодавачи кои сепак можат да ги покачат платите.



