Задушница: помолете се за починатите, дарувајте храна на сиромашните

Православните христијани денеска ја празнуваат Задушница, денот кога се посетуваат гробовите на починатите души, се чита молитва за нив, но и се носи храна. Она што не се знае во востинска смисла е оти храната би требало да се раздаде на сиромашните, во околината на гробовите, но и на оние кои живеат во ваша близина, за кои точно знаете дека немаат да си дозволат дури ни основна храна.
Свештените лица порачуваат дека и само еден гладен да нахраниме, сме направиле повеќе отколку сите формални процедури и обичаи да ги извршиме и најбогатите трпези на светот да ги поставиме врз гробот, за да јадат само оние кои се веќе најадени и не страдаат од глад.
-Многумина од вас ќе отидат на гробишта и ќе однесат многу храна која ќе си ја раздавате, за помен на починатите, меѓусебно. Со тоа чиниме милостина во име на починатиот. Но, освен молитвата каква полза би имале починатите од раздавањето на храната кога ја даваме на луѓе кои имаат доволно? Затоа ве советувам и замолувам да не ги одвраќате сиромашните кои ќе дојдат до вас и ќе ве мзамолат да им дадете нешто. Тие навистина ќе ја употребат дадената храна и нема да ја фрлат во корпите. Донирајте храна и во народните кујни, во детските домови, во затворите и интернатите. Секако го правите трошокот. Не бидете робови на формата, размислете и исполнете ја суштината…, порачуваат тие.