Заев и Мицкоски имаат уште теми за договарање, што чекаат?

Првиот разговор-договор треба да е само почеток

Зошто вака да не се договорат и за тоа како ќе се реагира на негирањата од Бугарија. Да се утврдат и црвените линии на Македонија по многу прашања, а не да се караат меѓу себе на штета на македонскиот народ, вели аеродромката Јованка

 Конечно дочекавме лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски да се договорат за некои работи. Добро е што се постигна договор и тоа во ситуација кога во изминативе денови имаше жестока меѓупартиска конфронтација. Договорот е за: одложување на пописот за септември, за кусо одложување на локалните избори, за промени во изборното законодавство, за деблокада и редовно работење на до сега блокираниот парламент, гласање на закони… Да се надеваме дека ова значи деблокада на заглавеното функционирање на општеството чии граѓани доживуваат тешки моменти во борбата со корона вирусот, финансиската криза, притисоците од надвор…

Скопјани сега ги повикуваат лидерите соработката да продолжи на подолг период.

 -Мислам дека во целокупното постоење на самостојна Македонија овие две партии меѓусебно се однесуваа како да се од сосема различни етникуми, дури и нешто полошо. Мораа да бидат едни против другите. Со овој потег што сега го направија Заев и Мицкоски, мислам дека иако е доста задоцнето, сепак покажаа една тронка на Македонштина во нив. Сега треба да се продолжи натаму, вели граѓанинот Драге Здравевски.

И други се охрабрени од договорот и очекуваат таковото договарање и постигнување на заеднички решенија да продолжи и натаму кога се во прашање витални национални и државни интереси.

-Дефинитивно се радувам дека македонските политичари се договараат исто како албанските. Се надевам дека и во иднина ќе се гледаат за Македонија, а не за партиски и лични поени, очекува граѓанинот Дејан Мицев.

Очекувањата на граѓаните се посебно во однос на зачувувањето на македонските интереси во спорот со Бугарија која ни застана на патот на процесот на евроинтеграцијата барајќи да признаеме дека имаме бугарски корени. А искушенијата во евроинтеграцијата, во спроведувањето на договорот со Грција и други работи допрва претстојат.

-Зошто вака да не се договорат и за тоа како ќе се реагира на негирањата од Бугарија. Да се утврдат и црвените линии на Македонија, а не да се караат меѓу себе на штета на македонскиот народ, вели аеродромката Јованка.

-Македонските лидери треба да продолжат со компромисни решенија. И во иднина заеднички да ги решаваат сите проблеми кои ќе се постават пред нас, потенцира граѓанката Љиљана Чиплаковска.

Дали и во иднина ќе се постигнуваат ваквите договори останува да се види. Во јавноста сега е актуелна и идејата за заедничката влада која би се справувала со пандемијата, со тешка економска состојба, условувањата во евроинтеграцијата… И за ваква идеја вреди да се размислува бидејќи состојбите се тешки и бараат заеднички одговор од сите.

Договор и за методологијата на пописот

Врзано со пописот, одложувањето на терминот не треба да биде крај на договарањата на власта и на опозицијата околу овој важен процес. За голем дел од населението спорна беше и методологијата по која тој треба да се врши. Во носењето на Законот власта целосно ги игнорираше предлозите на опозицијата. Значи, во наредниот период треба да се постигне компромис и околу начинот на попишувањето, околу можноста податоци да даваат трети лица, воведување на нови категории за место на живеење и слично. 

Претходна вестКога ќе дојдат доволно вакцини за да имаме вистинско масовно вакцинирање?
Следна вестВо Бугарија денеска се гласа на парламентарни избори, може ли да има промени во политиката кон Македонија?