Заев ветуваше нов студентски град, ама сега неговите и реновирањата на старите домови ги доцнат

Студентските центри ќе се реновираат. Ова го велат сите досегашни власти со години. Ама некои нешто ќе поднаправеа, други повеќе ќе ветеа…

Нереновирани и запуштени соби, валкани и запуштени тоалети, несредени дворови… сето ова и сега е реалност во дел од објектите на најголемиот студетски дом „Стив Наумов“ во Скопје. Во употреба се само поновите павиљони и зградата додека другите објекти чекаат на реновирањето кое никако да започне. На реновирањето се чека и во студетскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, приоритет се и тоалетите во домот „Пелагонија“ каде неодамна имаше и труење во кујната…

Работите за подобрување на состојбите веќе требаше да се започнати. Така барем беше договорот меѓу владините и студентските претставници од ноември минатата година кога имаше и протести. Но, и по пет месеци реконструкцијата и подобрувањето на условите за живеењето на студентите никако да започне.

Министерот за образование Јетон Шаќири вчера се правдаше дека не се комплетирани сите потребни документи, но не објасни што е тоа што недостасува и дали со тоа е блокирана обновата на сите домови или само на некои. Односно, не објасни зошто барем не започна подобрувањето на состојбата во еден од домовите коишто се во најлоша состојба.

А ветуваа друго. Ветувања од оваа владеачка коалиција имаше и пред седум години дека ќе се прави нов студентски град. На тоа сега веќе никој како и да не се сеќава.

-Кај студентските домови „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“ ќе изградиме студентски град. Со комплетно нови модерни архитектонски решенија, како и функционални содржини: спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали и фитнес-центри, велеше поранешниот лидер и премиер Зоран Заев во 2016 година пред тогашните парламентарни избори.

Сега, ниту се направи студентски град ниту пак има барем обновени објекти. Студентите сега најавуваат нови протести. Ако и тоа не ги натера надлежните да почнат да работат, што ќе им преостане? Да се иселуваат ли како бројни нивни врсници? За кого ќе бидат тогаш студентските домови, ако воопшто некогаш ги направат?

Сепак да не заборавиме има една друга надеж: власта ветува дека ќе направи се младите да не си заминуваат од Македонија.

Претходна вестПочнува реконструкцијатa на улицата „Александар Урдаревски“ во Бутел
Следна вестСелекторот на ФФМ: Немаме голем избор на играчи, но ќе дадеме се од себе на квалификациите за Евро 2024