Загадувањето ќе си ојде, а мерниот инструмен во Ѓорче не дојде

Два месеца откако се расипаа мерните инструменти за воздух во Ѓорче Петров, надлежните од Министерството за животна средина вчера соопштија дека планираат да отпочнат постапка за нивно поправање. Ќе се правел мерниот инструмент за ПМ 10 честички. Оној за мерење на ПМ2,5 честички е исто така надвор од употребата, но тој во соопштението не се споменува дека ќе биде поправен. Како и да е, добро е што ете се сетија на проблемот.

Но, кога ќе почне поправката? Од соопштението излезе дека сега во тек е процедура за објавување на тендер за набавка на резервни делови меѓу кои и неопходниот дел за уредот во Ѓорче Петров. А потоа ќе следи серисирање, калибрирање… . Ќе се стаса ли за наредната загадувачка сезона?

Всушност главното прашање е: можеше ли тендерската постапка да почне уште лани во декември кога се расипа мерниот инструмент? Така побрзо ќе се завршеа сите процедури, додека уште трае зимската загаденост.

А до каде е набавката на делови што фалат и за други мерни станици? Веќе долго време, на пример, во Лисиче не се мери ПМ2,5 честичките, исто како и во Гази Баба, кај Ректоратот. Во Центар и во Карпош нема ниту податоци за Co, No2, O3, SO2… Многу расипани уреди кои одамна требаше да се поправат и за кои се даваа многу ветувања дека ќе проработат.