Да се вози без возачка во Скопје е вообичаена работа за многу несовесни луѓе. Верувале или не, само во последниве пет дена скопската сообраќајна полиција при своите контроли открила дури 121 лице кое управувало возило без да има возачка дозвола!
Во средата бил рекордот кога дури 32 вакви возачи биле фатени како седат зад волан без да го положат задолжителниот возачки испит. Статистиката покажува дека секој десети прекршок кој за овој петдневен период го направиле 1.214 возачи се должел токму на оваа дрскост.
Инаку апсолутниот дневен рекорд бил на 15-ти октомври кога се откриени најмногу – дури 60 лица без возачка среде густиот и хаотичен скопски сообраќај.
Колкава опасност претставува возач кој не положил возачки испит, кој управува со силна машина, не е тешко да се претпостави. Може само со загриженост да се насети уште колку многу други возеле без возачка, а не биле фатени од полицијата.
Казни има, ама појавата не се намалува туку секојдневно се откриваат по триесетина случаи. Очигледно раскалашаните не се плашат од полицијата. Убедени ли се дека ќе останат неоткриени? Слаби, односно недоволни ли се полициските контроли?
Министерот на МВР не испушта прилика пред медиумите да се пофали дека полицијата засилено работи и воведува ред. Статистиката покажува дека сообраќајот во Скопје е во хаос и не е доволно контролиран и воведен во ред. А, возењето без возачка е само еден сегмент од хаосот во сообраќајот. Страшни се бројките и на возачи „далтонисти“ кои не распознаваат црвено на семафорот, бројни се и оние кои сакаат посилно да си нагазнат на гас педалата, па…
Ама некој треба да ги притиска и сообраќајците да работат понастојчиво и да нема татини и мамини дечиња, ниту пак патриски активистчиња кои се над законите.