Закани кон семејството на Апасиев, тој најави кривични пријави

Закани добива македонски пратеник. Имено, лидерот на „Левица“, Димитар Апасиев, вели дека добива закани за него и неговото семејство, откако ги напишал фејсбук статусите за кои во моментов има отворен предмет во Јавното обвинителство.

Пратеникот денеска пред Обвинителството изјави дека тој во неговите пораки до јавноста секогаш се држи до практиката на Европскиот суд за човекови права и ќе продолжи тоа да го прави и понатаму, односно дека нема да престане со своите Фејсбук статуси. Тој вели и дека не очекува обвинение за случајот, но најави кривични пријави против оние кои го пријавиле за наводното ширење омраза.

Инаку, скопското обвинителство отвори предмет за фејсбук-статусите на претседателот на Левица, Димитар Апасиев, објавени ноќта по парламентарните избори, но и за други спорни објави за кои пристигнале пријави. Предметот се однесува на ширење расна и етничка нетрпеливост преку електронски систем.

-ОЈО Скопје по пристигнато известување од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР отвори предмет за статус на социјалната мрежа Фејсбук, објавен од лидер на политичка партија. Истовремено за истото лице пристигнаа две кривични пријави, поднесени од здружението на граѓани Хелсиншки комитет за човекови права и две физички лица, а се однесуваат на друг статус објавен на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер, соопшти тогаш Обвинителството.

Во статусот за кој од МВР го известиле обвинителството, претседателот на Левица напиша: „Џабе ни се лижете. Сите ќе ве стреламе“.

Ваквиот статус следуваше откако беше извесно дека тој како носител на листата во изборната единица 1, влегува во новиот парламентарен состав.

Претходна вестВозете велосипед, тоа носи многу бенефити
Следна вестЌе носиме ли по две маски од следниот месец?