Заканувачките пораки биле испратени до пратениците на ДУИ, Гаши е уверен дека испраќачот ќе биде казнет

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, извести дека пратениците на ДУИ добиле електронски пораки со закани од непознат испраќач. Вознемирен од овие пораки, претседателот Гаши веќе се обратил до колегите од ДУИ и до надлежните институции да го истражат инцидентот.

-Претседателот на Собранието најостро осудува секаков облик на закани, обиди за насилство или поттикнување насилство. Пратениците се директно избирани од граѓаните и додека слободата на говор е неприкосновена, таа не смее да ја загрозува слободата на другите. Анонимноста во испраќањето такви пораки или на социјалните мрежи може да му даде на испраќачот чувство на неказнивост, но мора да признаеме дека нашите институции се активни и способни. Претседателот Гаши е уверен дека испраќачот ќе биде идентификуван и соодветно санкциониран, се наведува во собраниското соопштение.

Се додава дека во демократско општество нема место за закани ниту за вознемирување во било која форма.

-Оттука, претседателот Гаши ги повикува и охрабрува сите надлежни институции веднаш да постапат во овој случај. Претседателот Гаши нагласува дека сочувствува и ја споделува вознемиреноста на пратениците и нивните семејства. Во моментот кога институциите ќе достават било каква информација за предметниот случај, медиумите ќе бидат веднаш известени од страна на Кабинетот на претседателот, се наведува во обраќањето.

ДУИ, пак, соопшти дека сведоци сме на сериозни закани и насилни пораки упатени кон пратениците на ДУИ.

-Тие не само што се закана за нашите членови, туку и директен напад врз демократските вредности и институции на нашата држава. Овие инциденти го покажуваат високото ниво на нетолеранција и омраза што се шири низ нашето општество, и тоа мора да биде осудено од сите. Сведоци сме на организирана и смислена кампања за клевети и закани против ДУИ, чија цел е да ги прикрие големите неуспеси и грешки на новата влада во првите месеци од нивниот мандат. Со измислени обвинувања и насилни акции, тие се обидуваат да го одвлечат вниманието на јавноста од реалните проблеми и катастрофалните резултати на владејачките политики, соопшти оваа партија.

ДУИ стои цврсто зад своите принципи и нема да дозволи овие закани да ја поколебаат нашата посветеност на правдата, мирот и стабилноста на нашата земја.

-Ги повикуваме надлежните институции да ги истражат овие инциденти и да ги изведат пред лицето на правдата сите кои се одговорни за оваа кампања на терор и заплашување. Демократијата мора да победи над омразата и насилството, стои во соопштението на ДУИ.

Претходна вестТешко повреден малолетен пешак во Куманово по удар на автомобил
Следна вестВлада: Не е именуван в.д. заменик на директор на КПД Идризово, СДСМ да не шири дезинформации