Македонија како да е залутана во децениската криза. Заталкува често и власта, а и опозицијата некогаш е без јасни координати. Ама голем проблем е и што низ земјава има многу залутани куршуми. Фрчат на сите страни и прилично се опасни.
И за жал, залутаните куршуми понекогаш завршуваат баш таму каде најмногу боли. Младиот тренер на фудбалски клуб, Мерван Илјази, деновиве почина по неколкудневната битка за живот откако беше погоден од куршум кој бил испукан кој знае од каде.
Во мај годинава, залутан куршум за кој не се знае кој го истрелал тешко повреди 14-годишно дете во Куманово.
Оние „полесни“ случаи во кои залутаните куршуми својата опасна патека ја завршуваат во ѕидовите и прозорците на куќите, во каросериите и шофершајбните на автомобилите… речиси се слушуваат секоја недела. Вчера, со таков куршум беше погоден автомобил во Сарај, а наназад со месеци имаше случаи на наоѓање на вакви куршуми во работилница во Драчево, во куќен двор во Чаир, во Кондово, Гази Баба…
Сето ова не предизвикува ли загриженост кај оние што пукаат каде ќе им текне? Ова не го вклучува алармот на посилно кај полицијата?
Искуствата покажуваат, (на социјалните мрежи често има и фалење со тоа) дека на семејните прослави се случува испукувањето на куршуми од најразлично огнено оружје. Така се слави. Таква била традицијата…
Пред два месеца во прилепско беше приведен дури и полициски командир и други лица кои на свадба кај негови роднини пукале од автоматско и друго оружје.
Тие беа откриени, но што е со другите такви сторители? Тие, за жал, најчесто остануваат неоткриени и неказнети и покрај често присуство на другите граѓани – сведоци.
Полицијата секогаш кажува – истрагата е во тек, има и апели од МВР каде се укажува на опасноста од ваквитe пукања. Ама…
А куршумот испукан во било која насока може да биде смртоносен. Тоа никако да им влезе во глава на „веселите“ или „умислените“ насилници. Трагичниот случај од 2004 година, кога во новогодишната ноќ на скопскиот плоштад од залутна куршум загина 17-годишна девојка како да се подзаборави. А тој настан покажа на најболен начин дека и куршумите испукани во воздух можат да бидат кобни бидејќи и тие се враќаат кон земјата.
Смеат ли надлежните институции да се залутани во моменти кога има многу залутани куршуми?
Посебен проблем е што во македонија има многу нелегално оружје. Според последните проценки во анализата “Истражување на мало оружје“ во земјава има над 620 илјади парчиња огнено оружје од кои дури околу 450 илјади се смета дека е нелегално. Тоа значи дека на сто луѓе, 30 имаат оружје, од кои осумина имаат дозвола за поседување оружје, а 22 немаат.
Овој проблем да не залута некаде, па надлежните не можат да го најдат за да го решат?