Зарем да се стави чувар до секоја клупа или контејнер за да не бидат уништени?

Своето знаат да го чуваат, ама заедничкото го рушат…

 

По градовите низ Македонија фали многу урбана опрема, ама фали и одговорност да се чува таа што е поставена. Уништувањето на општествениот имот е „хоби“ за некои луѓе кои полицијата слабо ги гони

Урбаната опрепа моја е купена со народни пари е честа мета на уништување. Примери за тоа има колку сакаш. Во населбата Рамна река во околина на Пехчево неколку пати досега гореле контејнери за фрлање ѓубре. Кој ги запалил не се открило.

 -Така неретко се случува. Тоа се неиживеани суштества. Како да запалиш она што им припаѓа на сите, што сите заедно го користиме за подобра хигиена. Сето ова е резултат на немање на елементарно воспитание кое треба да започне во семејствата и да продолжи во училиштата. Сум бил во странство и никаде не сум видел да се прави вака како што се прави кај нас, ни вели Златко Николовски.

А ваков проблем со уништувањето на урбаната опрема е присутен не само во Пехчево туку и во други македонски општини. Во Скопје е се чини најстрашно – а баш скопјани најмногу глумат дека се вистински граѓани. Се уништуваат не само контејнери за ѓубре туку и клупи за седење, детски игралишта, улични светилки, сообраќајни знаци… Се крадат и прскалки за полевање на тревници, се краде посаденото украсно цвеќе на јавните градски површини…

Неодговорноста е на сите страни. Струмички „Комуналец“ неодамна објави соопштение во кое ги замолува граѓаните во канти за ѓубре кои што тие подоцна ги празнат да не фрлаат се и сешто.

-Апелираме во зелените канти и метални контејнери исклучиво да се фрла отпад од домаќинства а не и градежен шут, делови од мебел, апарати од домаќинства бидејќи тоа ги оштетува специјалните ножеви во авто-смеќарот, беше наведено во апелот на струмичките комуналци.

Но, и покрај тоа, кај контејнерите пак се оставаат кабасти работи иако комуналците нудат доаѓање со посебен трактор за собирање.

-Според мене, овој проблем може да се реши само со казнување. Урбаната опрема се уништува по градот. Но, ако се казнуваат сторителите тоа нема да се повтори. Значи, се е во казните, смета Митко Ахтаров.

Во Радовиш, пак, градското комунално претпријатие по неколкуте палења на новонабавените пластични контејнери реши да ги врати старите метални контејнери оти тие се отпорни на оган. Во Скопје до сега веќе се запалени десетица новонабавени големи контејнери од кои секој чини по 1.400 евра.

Несовесните граѓани, очигледно, имаат двојни критериуми: си го чуваат она што е нивен личен имот, а го оштетуваат она што е заедничко. Од друга страна, прашање е што може да направат општинските комунални претпријатија и власти за да се сочува градскиот имот? Во дел од градовите се формирани комунални редари, но нивниот учинок е многу низок.

Општина Центар се обиде, ама…

Пред шест години скопската општина Центар тргна во проект за поставување на чуварски служби за да се спречат зачестените кражби на зеленило и оштетување на урбана опфрема. Тогаш се решило дека тоа ќе има подобар ефект отколку поставување на камери или слично. Се набавија и посебни куќарки за овие чувари кои беа поставени покрај детските игралишта. Но, по кусо време и тој проект замре и се напушти, а повеќе куќарки, платени со парите од граѓаните, сега се напуштени и оштетени.

Претходна вестМногу зли сили се з`гнаа да ја растурат и разнебитат Македонија
Следна вестЌе има ли одговор на петицијата – маските да не се задолжителни во училиштата?