Зарем и за енергетската криза власта и опозицијата нема да седнат на една маса?

 Откако енергетската криза сериозно тропна на македонските порти. Се појави стравот дека граѓаните, школите, фирмите ќе останат без доволно струја и греење. Колку сериозно на оваа сериозна ситуација ќе одговорат македонските политичари?

Најодговорните од Владата во изминативе десетина дена трчаа и молеа по Србија, Бугарија, Грција, Турција… за енергенси. Кога веќе не направија сопствени капацитети и ова трчање станува прифатливо.

Сега Владата има и план. Вчера на јавноста и соопштија како зимата да се помине без рестрикции. Свој план и предлози изнесе и најголема опозициска партија.

Премиерот Димитар Ковачевски синоќа и објаснуваше на јавноста што досега направиле: грејната сезона во Скопје ќе почне на 15 октомври, има пари за производство на топлина, се очекува Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) наскоро да добие лиценца за управување со топланите во Скопје, основните и средни школи и болниците ќе добиваат поевтина електрична енергија…

– Ќе има и струја за домаќинствата и малите фирми кои се на регулиран пазар. Тие ќе добиваат сувенционирана струја која е пониска од берзанската. Осумдесет проценти ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти т.н. мали потрошувачи со промет годишен до два милиона евра ќе добијат субвенционирана електрична енергија која е трипати пониска од берзанската. Дополнително донесовме одлука на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта на територијата на цела држава без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на самите општини. Сите јавни здравствени установи ќе бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ продажба по поволна цена од берзанската, рече премиерот.

Предлози за што подобро справување со енергетската криза вчера соопшти и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој има конкретен план преку кој ќе се обезбедат доволни количини на евтин гас, мазут, како и топлинска енергија потребна за ТЕ-ТО, а еден од неговите предлози е комуналните претпријатија, училиштата и болниците да се вратат на регулираниот пазар и да плаќаат поевтина струја.

-Ги нудиме контактите кои ги имаме преку кои би можело да се набават енергенси за производство на струја, но и струја за да се обезбеди непречено максимално производство на домашните капацитети. Со тоа би се обезбедиле поевтина струја за бизнисот и би се заштедиле пари во буџетот. На тој начин може да се обезбеди струја за индустријата двојно поевтина од берзанската. Може да се обезбеди доволно мазут за потребите на ТЕЦ Неготино и гас за ТЕ-ТО кои потоа дел од струјата би му ја продавале на бизнисот кој ќе ги сочува работните места, предложи Мицкоски.

Добро е што и власта и опозицијата во овој период покажуваат дека имаат планови. Но, не е добро што уште вчера се започна со партиски препукувања кој од кога ги „прекопирал предлозите“. Сега не е време за такво нешто туку е време за заедничко делување и наоѓање решенија.

Зарем и оваа сериозна криза нема да ги натера да седнат на една маса и заеднички да ги искристализираат мерките за доброто на Македонија? Треба да решаваат криза, а не да отвораат нова.

Претходна вестЈСП „Скопје“ бесплатно ќе вози за „Бела ноќ“
Следна вестВработена во кумановска болница прободена со остар предмет