Зарем на Водно ќе се садат само згради, а за дрвца ќе се чекаат други времиња?

На Скопје му фали зеленило. Садењето дрвца е работа која треба да биде често повторувана во градот и неговата околина.

Во општина Карпош завчера се направи убава увертира за пролетните акции за зазеленување. Во дворовите на повеќе градинки посадени се нови 60 садници ореви кои беа донација на Факултетот за земјоделство и храна. Ова не е прво садење, а сигурно и не треба да биде и последно со оглед на тоа колкави се потребите во ова но и во другите скопски општини. За оваа намена во Карпош годинава ќе се издвојат околу шест милиони денари и што е добро додека се чека на новиот парк.

Овој месец е токму период кога треба да се мисли на пролетни акции за зазеленување и по скопските општини по кои се уште има многу простори за уредување досека се чекаат ветените паркови и големи зелени површини.

Но, треба да се мисли и за пошумување на Водно. На ветеното пошумување на планината поради изградбата на гасоводот како да се заборави. Пред две години беше најавено дека во пошумувањето на Водно, како компензација за уништеното зеленило, ќе се вложат дури 700.000 евра откако ќе заврши изградбата на гасоводот долг околу девет километри. Меѓутоа, тој се уште не е готов иако од Национални енергетски ресурси изјавуваат дека  95 проценти од трасата која поминува нив Водно е готова. Проблем бил дел од трасата кај село Шишево, експропријацијата на одредени парцели, пандемијата… Така Водно се уште стои со лузи од градбата на гасоводот кои никако да зараснат со нови садници.

Мора ли да се чека севкупното завршување на гасоводот па да почне со пошумувањето? Не може ли тоа да почне на оние делници од трасата на кои веќе се завршени работите со поставувањето на трасата? Па сигурно на Видно му треба почумување и на места каде воопшто не поминува гасоводот. Зошто таму не се пошумува? Зарем на Водно ќе се садат само згради и хациенри, а за дрвца ќе се чекаат други времиња?

Претходна вестСнегот ги одложи фудбалските натпревари за следната недела
Следна вестСловенија планира самит ЕУ-Западен Балкан во септември, но има ли волја од Брисел?